Фабриката Охис според тврдењата на поранешни вработени е еколошка темпирана бомба која во секој момент може да експлодира. Надлежните не знаат какви сè опасни хемикалии, вклучувајќи и жива, се кријат во кругот на фабриката, а позагрижувачки е тоа што немаат информации ниту за локациите на кои бил складиран опасниот отпад.
Маринко Саздовски, стечаен управник на Охис, вели дека во моментот се работи на отстранување на 11 опасни хемикалии од кругот на фабриката и дека целата постапка се следи од надлежните служби. Фирмата „ЕКО центар 97“ е задолжена за дислоцирање на отпадот, но само за 11 вида опасен отпад во кои не влегува и живата.
Поранешни вработени тврдат дека во ОХИС се работело со жива и дека таа и натаму несоодветно се чува, а поголем дел од неа завршил во почвата или испарил во воздухот, но и на непознати локации надвор од фабриката. Исто така тие посочуваат дека од испарувањата на живата, но и од загадувањето на почвата директно биле загрозени и скопските населби Драчево, Пинтија и Лисиче.
Дополнителна загриженост во јавноста внесе и информацијата дека во ОХИС се наоѓа и вагонска цистерна во која има складирано винил хлорид, кој е исклучително експлозивен доколку не се одржува на одредена температура, а бидејќи претходно била отстранета железничката врска со фабриката, цистерната е заглавена во фабричкиот круг и опасната хемикалија ќе мора да се преточува на самото место.
Фабриката Охис останува црна дамка на главниот град, преполна со токсичен отпад за која и властите меѓу кои и заменикот министер за животна средина Јани Макрадули немаат конкретни и ефикасни решенија за што побрзо дислоцирање на штетниот отпад. Граѓаните се оние кои и натаму ги чувствуваат последиците од нејзиното постоење и работење и секојдневно посочуваат дека овој проблем со хемикалиите бара итност и посветеност, бидејќи здравјето на сите не смее и не треба да има цена ниту да чека и да биде на второ место.