Светската банка денеска ги повика земјите од Групата 20 најсилни светски економии да не воведуваат нови ограничувања на извозот на медицински средства, на храната и другите производи клучни за борбата против коронавирусот, јавија британските медиуми.

Во изјава на видео конференција на министрите за трговија на Г-20 високо рангиран претставник на Светската банка наведе дека пандемијата ќе ја турне светската економија во длабока рецесија, ќе ги наруши синџирите за снабдување и ќе ги погоди клучните економски јазли.

За да се избегне ударот на пандемијата врз најсиромашните земји, кои имаат ограничени можности за набавка на медицински средства, најголемиот светски кредитор, исто така, ги повика членките на Г-20 да ги отстранат или намалат царините на увозот на производите клучни  за борбата против коронавирусот и да ги намалат или проивремено суспендираат царините и извозните такси врз храната и другите основни производи.