Обединетите нации во својот годишен извештај објавија дека пандемијата со коронавирусот ја зголемила употребата на дрога и истовремено го поттикнала нелегалното одгледување афион, со последици што веројатно ќе се чувствуваат „со години“. Од Канцеларијата за дрога и криминал на ОН посочиле дека пазарот со наркотици продолжил брзо по нарушувањето предизвикано на почетокот на пандемијата.

Авганистан, кој произведува повеќе од 80 проценти од светскиот опиум, забележа скок од 37 проценти во одгледувањето афион. Ова е често единствената опција за заработка на студентите или работниците кои останале без работа поради коронавирусот.

Во извештајот се наведува дека коронавирусот ги потенцира „нееднаквостите, сиромаштијата и менталните здравствени проблеми низ целиот свет“, кои се фактори кои можат да поттикнат употреба на наркотични средства. Повеќето земји пријавиле зголемување на употребата на канабис за време на пандемијата, а се истакнува и дека младите луѓе го доживуваат како помалку опасен за здравјето „и покрај доказите дека носи ризици“.

Минатата година околу 275 милиони луѓе ширум светот користеле некоја дрога, наспроти 269 милиони во 2018 година.