Усвоен Законот за изменување на Законот за работни односи: НЕДЕЛА станува ДЕН на НЕДЕЛЕН ОДМОР

Со 62 гласа „за“ и ниту еден против пратениците во Собранието на Македонија го усвоија Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи со кои недела станува ден…

Со 62 гласа „за“ и ниту еден против пратениците во Собранието на Македонија го усвоија Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи со кои недела станува ден на неделен одмор.

– Недела неработен ден е реалност. Владата и Министерството за труд и социјална политика го исполнија ветувањето што им го дадоа на работниците. Од први јануари, недела ќе биде ден за неделен одмор за 92% од работниците, порача министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

Министерката Шахпаска рече дека оние што ќе бидат ангажирани во дејностите кои заради техничко-технолошкиот процес не смеат да бидат прекинати, ќе добиваат најмалку 50% повисока дневница за работа во недела и слободен ден кој ќе можат да го искористат во наредните седум дена. Непочитувањето на ова законско решение го утврдува Државниот инспекторат за труд и на работодавачите кои ќе го прекршат законот им се забранува работа од 15 дена, а доколку го повтори прекршокот во рок од една година, забраната за работа ќе биде 30 дена. Во периодите на забрана за работа, работодавачот ќе има обврска на работниците да им исплаќа надоместок на плата во висина на платата,“ објасни Шахпаска.

Таа додаде дека вработените во трговските центри, односно моловите, кои ќе работат во недела ќе добиваат двојно повисока дневница, односно дневница зголемена за 100%. А дополнително, 2% од прометот остварен во моловите во претходната година за работењето во недела и празници ќе бидат наменети за изградба на нови детски градинки.


Related Articles