Во текот на осмата недела од 2024 година (19-25.02.2024), пријавени се 820 случаи на заболени од грип/заболувања слични на грип, што е за 40,8% помалку во споредба со претходната седмица. Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со 8-ма недела од минатата сезона е намален за 6,0%, а во споредба со бројот за 8-ма недела од типичната епидемиска крива, е помал за 67,4%, соопшти Институтот за јавно здравје.
Во однос на возрасната дистрибуција, 496 лица се на возраст од 15-64 години, 178 се деца од 5-14 години, 74 се над 65 години и 72 се деца на возраст од 0-4 години. Највисока инциденца има кај децата на возраст од 5-14 години.
Најмногу заболените се пријавени во Кавадарци – 180 и во Струмица – 134, а во останатите градови бројот на пријавени е помал од 100.
Во текот на оваа недела, регистрирани се два смртни случаја асоцирани со грип. Станува збор за лица на возраст од 49 и 65 години од Скопје и Велес кои биле хоспитализирани во КИБФС и ГОБ 8-ми Септември. Кај едно од починатите лица е утврдено присуство на коморбидитети (бубрежни, кардиолошки, дијабет) и не биле вакцинирани со вакцина против сезонски грип. Кај починатите лица, лабораториски е потврдена Influenza А(H1)pdm09 и Influenza А – несубтипизиран.
Во сезоната 2023/2024 вкупниот број на случаи на грип/заболувања слични на грип изнесува 12.741. Во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 55,5%, а во однос на моделот од последните 13 сезони има намалување од 19,1%.
Во досегашниот тек на сезоната на грип, регистрирани се 11 починати лица асоцирани со грип, 5 од Скопје и по едно лице од Велес, Куманово, Неготино, Гостивар, Демир Хисар и Штип, шест од возрасната група на лица 15-64 години и пет од возрасната група на лица над 65 години, сите хоспитализирани, 10 со коморбидитети и сите невакцинирани против сезонски грип.