Владата ја разгледа и усвои Информацијата за продолжување на дополнителните мерки за превенција поради топлотниот бран и за денеска, информира владината прес-служба.
– Ослободување од работни обврски за најранливите групи на населението: бремените жени и лица на возраст над 60 години за ден 15 август (четврток). Во истиот период, работодавците да ги реорганизираат работните активности на градежните работници и на работниците кои работат на отворено, со тоа што ќе се избегне вршење градежни и други работни активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, соопштуваат од Владата.
Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, од Владата ги потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
– Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници, препорачуваат од Владата.
Поради високите температури над 40 степени, кои ја зафатија државата од почетокот на неделава, од Владата излегоа со препораки за заштита на населението од „портокаловата фаза“ од 12 до 14 август.