Државниот секретар на Министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу официјално ги отвори 28-те Републички пензионерски спортски натпревари, кои традиционално се одржуваат секоја година. Пензионерите се натпреваруваат во 11 дисциплини како што се: шах, табла, пикадо, влечење на јаже, трчање, стрелаштво и други.
Во своето обраќање пред присутните пензионери тој истакна дека овој ден претставува многу повеќе од само спортски натпревар, тој е празник на здравјето, активноста и заедништвото.
„Секој од нас знае дека спортот не познава возраст. Тоа што денес го гледаме овде, не е само доказ за вашата физичка издржливост, туку и за вашата неуморна желба за активен и квалитетен живот. На овие натпревари, не се важни само резултатите, туку и духот на пријателство и поддршка што го носите со себе. Секоја капка пот, секоја насмевка, секој поздрав е доказ за вашата хуманост и за вашата сила. Вие сте инспирација за сите нас!“,порача Сабриу.
Државниот секретар истакна дека еден приоритетите на Министерството е подобрувањето на квалитетот на живот на сите пензионери.
„Како Влада и ресорно министерство ќе работиме на неколку цели. Подобрување на финансиската моќ на пензионерите, што го овозможуваме со линеарното зголемување на пензиите, со кое за неполна година пензионерите ќе добијат за 5000 денари повисоки пензии. Исто така, вложуваме во изградба или обезбедување на простор за нови домови и дневни центри за стари лица како и поддршка на иницијативи од општините за други проекти кои значат подобрување на стандардот и на условите за живот на пензионерите,“ рече Сабриу.
Тој се осврна на важноста од исполнувањето на целите кои се во насока создавање на општество во кое пензионерите ќе се чувствуваат ценети и почитувани. Затоа што, дополни Сабриу, само заеднички, со посветеност и разбирање, можеме да направиме значајни промени и да осигуриме дека секој пензионер живее достоинствено, активно и среќно.
На крајот, тој им посака многу среќа, добро здравје и успешни настапи и ги прогласи 28-те Републички пензионерски спортски натпревари за отворени.