Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговори на новинарско прашање на тема здравство, во однос на тоа дека е постигнат  договор со синдикатите и од кога ќе започне официјално да важи или да тече исплатата на повисоки плати за докторите и другиот медицински кадар.

-Да, еден од низата на историски договори што во овие пет месеци ги постигневме е и тој со Синдикатот, односно со здравствените синдикати, бидејќи беа повеќе таму на број. Од овој месец, од ноември практично, здравствените работници добиваат десет проценти повисока плата и нови пет проценти заклучно со мартовската плата која што ќе биде исплатена во 2026 година. И во зависност од состојбата во Буџетот, продуктивноста и така натаму, во еден циклус од четири години можеме да дојдеме до педесет проценти повисока парична маса којашто ќе биде насочена кон докторите и медицинскиот персонал, да се разбереме и медицинскиот персонал болничарите, сестрите и така натаму. Така што еден од тие би рекол историски договори е и тој, посочи Мицкоски одговарајќи на прашањето на КУРИР.