Со почеток во 12 часот, денеска ќе почне еколошката акција „Администрацијата чисти со ‘Не биди ѓубре’“, и на тој начин ќе се одработи неработниот ден – 2 јануари.
Како што информираа пред неколку дена министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и претставничката на граѓанското здружение „Не биди ѓубре“, Ирена Ристиќ, во акцијата ќе учествуваат 40.000 луѓе кои ќе чистат на 20 локации во градот.
Локациите се следни: Сарај – Треска, акведукт – каналот, СЦ „Борис Трајковски“, Калето, Музејот на современата уметност, касарната „Илинден“, Јужен булевар, „Бихаќска“, Државното училиште за физичка култура „М. М. – Брицо“, железничката и автобуската станица, улицата Џон Кенеди, Собранието, улицата Македонија, МКЦ и МРТ, касарната „Гоце Делчев“, улицата Ферид Бајрам, улицата Александар Урдаревски, Европската очна болница „Јурија“, улицата Индустриска и кејот на реката Вардар.
Секаде каде што е потребно, обезбедена е и соодветна механизација од претпријатијата на Град Скопје.
До локациите каде што е потребен превоз, тој е обезбеден од ЈСП, а за сите вклучени во акцијата обезбедена е и соодветна опрема, како ракавици, кеси (за отпад и пластика), како и маски за одредени локации.