И покрај тоа што нивните семејства се во економска криза поради пандемијата на Ковид-19, некои студенти останаа без стипендии. Некои од нив не добиле ниту една рата, а другите пак само еден дел. Нивната состојба е отежната уште повеќе бидејќи се пред испитните рокови, студентските домови и библиотеките не работат, па поради тоа имаат дополнителни трошоци. Велат дека не добиле стипендии бидејќи Министерството за образование ги изгубиле документите со кои аплицирале.

„Јас ја земав само првата рата од стипендијата, а досега требаше да ја пуштат целата сума, бидејќи заврши академската година. За колешката рекоа дека го изгубиле договорот“, вели студентка.
ТВ21: Дали сега треба да ги поднесете од почеток?
„Документите не, само договорот и трансакциската сметка за да ги пуштат парите“, посочува студентка.

„Во однос на стипендиите во моментов е настанат хаос. Дел од студентите земавме три рати, едни земаа половина, а некои пак не земаа ниту еден денар. Ова е резултат на непрофесионалноста и несериозноста од МОН“, истакна Умер Муамеди.

Поплаки и од Студентскиот парламент. Петар Антевски кој е стипендист, вели дека не добил ниту 30% од стипендијата и додава дека ваков проблем се појавува постојано.

Побаравме став и од ресорното министерство. Од таму за ТВ21 негираат дека ги изгубиле документите, но додаваат дека е можно да станува збор за пропуст при аплицирањето.

„Како на новите стипендисти, така и на оние кои добија право на стипендија минатите години им се пуштени средствата за 7 месеци. Двете останати рати ќе бидат исплатени на крајот на јуни или почетокот на јули. Не е точно дека се изгубени документите за некој стипендист. Ако некој стипендист мисли дека има проблем во однос на поделбата на парите, слободно може да се обрати до МОН, случајот ќе биде разгледан и согласно состојбата, ќе добие одговор“, истакнуваат од Министерството за образование и наука.

„Главоболка“ за студентите не е само стипендијата, туку и недостатокот на литература и место за престој, бидејќи библиотеките не работат, а студентските домови се затворени. За студентските засега нема најава од МОН, додека библиотеките и останатите културни институции, според изјавата на министерот за култура, Хисни Исмаили дадена во емисијата „10 Минути“, ќе се отворат во втората половина на јуни.