Веледогериските моќници повторно се обидуваат да се богатат на сметка на тешко болните, а бирократските процедури само ја отежнаа и блокираа набавката на лекот

Околу 130 луѓе заболени од леукемија(хронична миелоична лекемија) останаа без неопходниот лек поради два пропаднати тендери, дознава НОВА. Станува збор за лекот Иматиниб кој пациентите не го добиваат веќе една недела бидејќи залихите се потрошени. Тендерите пропаднале-едниот поради бирократски процедури, другиот поради однапред договорени цени на добавачите.

„Седум години го примам лекот кој е неопходен за мојата болест.  Порано добивав по една кутија со 30 таблети и тоа ми е  доволно за еден месец. Во последните 1 до 2 месеца добивав по една лента на секои седум дена. Веќе една недела сум без терапија, ми рекоа дека лекот го нема заради поништени тендери“, изјави за НОВА, 34 годишна пациентка од Скопје, која боледува од хронична миелоична лекуемија(ХМЛ).

Оваа млада жена вели дека пациентите како ја завршуваат терапијата, така остануваат без лекови. Ситуацијата е критична, а надлежните се уште не се изјаснуваат за што се работи. Во обид да дознаеме што се случува дури наидовме на молк од сите страни.

Извори за НОВА, велат тоа е така за да добијат во време додека дојдат до некакво привремено решение на проблемот.

Сепак, НОВА неофицијално од лекарски извори(што го потврдија повеќе извори)дознава дека биле поништени два тендери-едниот распишан од Министерството за здравство и вториот од Клиниката за хематологија. Во првиот случај на пациентите им пресудиле две веледрогерии кои на тендерот се јавиле со иста, однапред договорена и многу висока цена, дури за 30 до 40 пати повисока од реалната и ниту еден не сакал да попушти и да ја намали цената, по што тендерот бил поништен.

Во вториот случај на јавната набавка на Клиниката за Хематологија набавката ја добила една фирма, но втората ја обжалила одлуката бидејќи на избраната фирма не и била обновена дозволата за промет. Поради тоа и овој тендер бил поништен. Наводно, се подготвува нов тендер во Министертвото за здравство кој треба да биде распишан на 22 или 24 ноември, за што нема официјална потврда.

Нашите извори велат дека во моментот надлежните прават обиди како да се најдат лекови за пациентите со леукемија. Извори за НОВА, велат дека се бара начин да се реши проблемот со интервентен увоз или  најверојатно со донација. Но, лекарите велат дека тоа ќе го реши проблемот за еден месец, но што понатаму кога се знае дека тендерската постапка трае со месеци, а на крајот повторно да биде поништена. Тие се загрижени со што ќе се лекуваат овие најтешко болни за тоа време.

Во Здружението на пациенти од Хронична миелоична леукемија (ХМЛ) велат дека испратиле писма со известување до сите надлежни институции,  ургентно да се реши проблемот.

“Добив информација пред една недела дека пациентите се оставени без лекови. Работиме на итно решавање на проблемот, известени се сите надлежни. Не прифаќаме бирократски процедури, мора нешто да се смени во постапките. За да се ублажи проблемот сега, надлежните ветија дека по пат на слободно договарање или преку интервентен увоз до вторник или среда ќе има некоја количина на лекови, но лековите уште не се пристигнати“, изјави за НОВА Пепо Леви претседател на Здружението.

НОВА во петокот на 15 ноември испрати прашања до Клиниката за хематологија, за да објаснат што се случува со набавката и кога пациентите ќе добијат лекови, но одговор се уште нема. Објаснување исто така  побаравме и од Министерството за здравство, од каде исто така очекуваме одговор.

Лекот Иматиниб, под името Гливек беше ставен на позитивната листа пред десетина години по многу притисоци од пациентите и медиумите бидејќи болните умираа без лекови. Некои од нив си продаваа имот, возила, станови за да го купат лекот во странство и да си го продолжат животот за извесно време.

Цената на лекот на почеток беше многу висока, се до моментот кога се појавија повеќе производители, по што стана поевтин што значеше големо олеснување и за ФЗОМ.

Последните два  тендери покажаа дека велдрогериските моќници повторно се обидуваат да се богатат на сметка на тешко болните, а бирократските процедури само ја отежнаа и блокираа набавката на лекот.