Болничарите од Психијатриската болница во Демир Хисар се изедначени со административците, магационерите, перачки, шофери, дури и со готвачи, општи работници, шивачи.

Со ова се поставува едно прашање дали се предвидува колапс во Психијатриската болница во Демир Хисар. Поради изедначувањето на болничарите и непочитувањето на нивната специфична професија започнале да потпишуваат петиција. Петицијата е и поради незадоволство од платите, бидејќи беше предвидено покачување од 5% за сестрите, а 10% за докторите. Но дополнителна причина за сето ова е и самата специфика на работата која ја вршат сами вработени во оваа болница.

Имено да потсетиме и на низа настани кои се случуваат секојдневно и со какви пациенти работат здравствените работници во Психијатриската болница во Демир Хисар. Завчера дури во Психијатриската Болница Бардовци пациент во болницата физички нападнал болничар.

Поради сета оваа неправда која произлезе од самата најава на министерот Филипче на 24.12 болничарите и хигиеничарите од самата Психијатриската болница во Демир Хисар тие започнаа да штрајкуваат бидејќи им беше ветено дека до Нова година ќе се реши нивниот статус, но ништо. Токму затоа тие прекинаа со работа.

-Ни ветија, а не реализираат ништо, реагираат вработените кои излегоа да протестираат.

Надлежните и министерството како и секогаш не се произнесоа со одговор. Од таму упорно молчат и гледаат да го заташкаат случајот за да не се прочуе низ јавноста.

Не само што не се решава статусот на вработените по договор, туку не се води грижа ниту за персоналот како болничари и слично. Неодамна на болничарите им беше забрането да дежураат. Откако се пожалија кај надлежните во министерството, тие добија одговор. Од министерството за здравство ги информираа дека тие не се дел од медицинскиот персонал.

-Ние сме во најнеповолна положба. Ем велат не сме медицински персонал, ем на дел од нас не ни го решаваат статусот, реагираат болничарите. Со што дури и нагласија дека болничар во Психијатриската болница зема околу 14 илјади денари, а докторите околу 90 илјади денари.

Но неправдата на болничарите од Психијатриската болница во Демир Хисар не завршува тука. Тие бараат раководството на Болницата да има слух за нивните барања и да не ги остава на страна. За разлика од нив, нивните колеги од Скопје, односно Психијатриската болница Бардовци имаат околу 20 илјади денари плата.

-Не може да ја имаме истата работа, а да има толкава разлика во плата. Раководството ниту било кој од надлежните не одговара на нашите барања, реагираат болничарите.

Инаку во болницата за краток период имаше два огласи за вработување. На истите се примени околу дваесеттина лица, но станува збор за медицински сестри и доктори.

-Сестри има стотина во болницата. Не може да не им требаат болничари, зачудено и затоа реагираат тие.

Што ќе се случи со болничарите од Психијатриската болница во Демир Хисар се остава на министерството за здравство и на Филипче кои очигледно немаат слух за нив.