Сè повеќе и нашата влада согледува дека персонализираниот пристап кон секој пациент, ќе доведе долгорочно гледано до помали здравствени трошоци преку отфрлање на опортунистичките скрининзи или несоодветните дијагностички и терапевтски стратегии кај многу болести. Кога не се трошат средства на непотребна или повторена дијагностика, кога третманите се поефикасни и имаат помалку несакани ефекти, на самите пациенти им е потребна помала медицинска нега и хоспитализација, што на долг рок резултира со заштеда на трошоци и за поединците и за владините програми за здравствена заштита, вели проф. д-р Ана Данева Маркова, советничка за здравство на претседателот на Владата, која неодамна учествуваше на првиот Форум за персонализирана медицина.

Данева Маркова: Вредноста на персонализираната медицина е во унапредување на здравјето на поединецот

На првиот Форум за персонализирана медицина се дискутираше за предностите и бенефитите од индивидуалниот пристап кон секој пациенти одделно. Но, што точно значи персонализирана медицина и на што се базира?

– Персонализираната медицина претставува иновативен медицински модел кој се стреми да обезбеди најсоодветна индивидуализирана превенција, дијагноза и прецизна терапија според потребите на личноста која има одредено заболување. Концептот на персонализирана здравствена заштита опфаќа повеќе сегменти кои се компатибилни и се вклопуваат во една интегрирана грижа за граѓаните. Индивидуализираната грижа започнува со проценка на фамилијарните предиспозиции и ризикот од развој на одредени заболувања со помош на генетски тестови, продолжува преку целни програми за превенција и рано откривање на болестите, па се до точна и навремена дијагноза која овозможува индивидуализирана третманска стратегија. Можностите на персонализираната медицина се огледуваат во грижата за пациентите со рак, но и во многу други области како што се ретките болести, дијабетес, фетална медицина и други.

Што значи овој пристап за пациентите, како се одразува?

– Персонализираната медицина го надминува пристапот „едно-решение за сите пациенти со одредена болест” и му се посветува на секој поединец, според неговите потреби. Борбата против ракот е на крстопат, а ние сме сведоци на новите, иновативни научни откритија кои динамично влијаат на изборот во кој правец ќе продолжи нашата борба. Научните откритија динамично го менуваат третманот на пациентите со рак, го отвораат патот до индивидуализирана медицинска нега ветувајќи интегрално унапредување на третманот на пациентите. Традиционалниот хемотерапевтски (ист-за-сите) пристап се менува со третман кој е прилагоден за секој пациент поединечно, третман базиран на специфичниот геномски профил на туморот.

Јас имам среќа да работам во еден благороден сегмент од медицината, фетална медицина, каде што изминатите неколку години, бројката е огромна на пациенти кои што како резултат на ваквиот пристап имаат се помалку несакани компликации во текот на бременоста или многу рано ги предвидуваме сите оние компликации кои што може да се случат на секоја од нив.

Каде точно е лоцирана вредноста на персонализираната медицина од владина перспектива?

– Секоја влада сака да има здраво население, па оттука, вредноста на персонализираната медицина лежи во нејзиниот потенцијал да придонесе во унапредување како на здравјето на поединецот, така и на јавното здравје.

Параметри кои се очекува да се подобрат со воведување на персонализиран пристап во третманот на пациентите се повеќе. Би навеле неколку како што се, унапредување на здравствените резултати, следено со намалување на трошоците за здравствена заштита и економски раст. Живееме во време во кое и нашата развојна стратегија препознава дека е неопходна поголема инвестиција во здраво население. Сведоци сме дека животниот век во последните години е во нагорен тренд, односно во последните 20 години, се зголемува животниот век за околу 4,6 години, што е тренд кој се нотира и кај нас. Во исто време здравствените авторитети, чинители на здравствените стратегии во државата, она што го сменија, можам да потврдам за последните неколку години, е донесувањето на клучните одлуки за идните здравствени политики. Отворено и транспарентно ги вклучија мулти-секторски сите важни чинители. Тука, пред сѐ мислам на фармацевтската индустрија, академската заедница и секако научната мисла, без која што не може да има прогрес во водењето на здравствената политика. Почнувајќи од унапредувањето на одредени законски решенија, воспоставување на системот за позитивна листа, донесувањето на новиот закон за лекови, сето тоа е еден придонес кој се надевам дека и понатака ќе биде во фокус за правилно водење на здравствената политика со цел овозможување подобар пристап до здравствена грижа за секој пациент. Знаеме дека основен критериум за добра здравствена грижа за секој пациент според критериумите на Светска здравствена организација е да не се доцни во барањето на помош и здравствена услуга, потоа, пристап до квалитетна здравствена услуга и она кое што можеби е најважно, соодветен третман кон тој здравствен проблем. Се повеќе и нашата влада согледува дека персонализираниот пристап кон секој пациент, ќе доведе долгорочно гледано до помали здравствени трошоци преку отфрлање на опортунистичките скрининзи или несоодветните дијагностички и терапевтски стратегии кај многу болести. Кога не се трошат средства на непотребна или повторена дијагностика, кога третманите се поефикасни и имаат помалку несакани ефекти, на самите пациенти им е потребна помала медицинска нега и хоспитализација, што на долг рок резултира со заштеда на трошоци и за поединците и за владините програми за здравствена заштита.

Колку е владата е насочена на примената на персонализираната медицина? Дали постои план и стратегија за унапредување на примената на персонализираната медицина и поголема достапност?

– Темпото на промени во здравствениот сектор е извонредно, благодарение на напредокот на науката и технологијата секојдневно се изнаоѓаат иновативни решенија за подобрување на здравјето на луѓето. Многу од длабоките промени што го редефинираат денешниот глобален здравствен пејзаж беа незамисливи пред само неколку години. Владата е посветена на унапредување на персонализираната здравствена грижа преку ревитализирање на процесот за надомест на иновативни лекови и на нови технологии, што претставува одреден предизвик. Сметам дека тоа не е предизвик само на нашата држава, тоа е еден тренд во сите европски држави, како да се задоволи потребата, да се обезбеди најефикасната и најсоодветната таргетирана терапија за секој пациент и да се реалоцираат најсоодветно здравствените буџети. Сметам дека со повеќе механизми, во изминатите години, се наоѓа начин, со условни буџети, со финансирање на соодветните клиники и со вложување во научната мисла. Во изминатиот период, бележиме и вложување во инфраструктурата на здравствените институции, конкретно во 7 клиники, во изминатиот период, од страна на Министерство за здравство на Северна Македонија и од страна на Министерство за образование и наука на Р. Северна Македонија, се вложи доста во геномското прoфилирање и во создавање на инфраструктура за да може полесно пациентот да има пристап до дефинитивна и прецизна терапија, што значи персонализирана медицина. Сметам дека тој тренд треба да продолжи, особено во време кога живееме во ера на дигитализација и кога пациентот многу брзо доаѓа до своја сопствена одлука за тоа каде и како треба да се дијагностицира или ако сакате уште повеќе, кој е најсоодветниот третман за него. Тековните владини приоритети се познати и се во согласност со концептите на персонализирана медицина т.е. прецизни и навремени превенција, дијагностика и третман.

Дали сметате дека воведувањето на персонализираната медицина ќе даде свој придонес во унапредување на здравствените резултати како што се зголемено преживување и подобрен квалитет на живот?

– Унапредување на резултатите од третманот на пациентите со канцер е во интензивен фокус на нашата здравствена стратегија. Она што сметам дека треба да е во фокус на владата во иднина е превенцијата, односно воведување на индивидуализиран превентивен пристап за сите граѓани, секако со посебен фокус на работоспособното население, наместо класичниот генерализиран систематски преглед.

Пред сето ова, неопходно е научната и клиничката фела да изработат и спроведат превентивни здравствени програми и национални програми за превенција, дијагноза и третман на онколошките заболувања, а за да можеме понатаму, да зборуваме многу полесно за сите овие резултати или за оние кои што ќе ги очекуваме. За да сме сигурни во позитивниот тренд на унапредување на здравствените резултати неопходно е и правилно да се мери таквиот напредок преку редовно собирање податоци во регистри за рак и правилна анализа на истите. Само така би знаеле дали напредокот е реалност.

Останува предизвикот за обезбедување на дополнителни средства во здравствениот буџет, како би се обезбедила потребната терапија, но секако дека акцентот ќе биде на она кое што е најважно за пациентот, персонализиран третман. Сметам дека, доколку се продолжи во таа насока, споредбено со земјите кои што имаат ист број пациенти, а кои имаат 4 пати поголем здравствен буџет, финансиските аналитичари ќе најдат сила и можност да ги убедат сите авторитети дека многу повеќе треба да инвестираме во тој здравствен буџет ако сакаме да спроведеме ефикасни здравствени политики.