Февруари годинава бил најтопол во историјата откако се мери температурата на глобално ниво. Глобалната температура на морињата минатиот месец била исто така на највисоко досега забележано ниво покажуваат податоците од Европската служба за климатски промени Коперник.
Изминатиот февруари беше за 0,81 степени Целзиусови потопол од просечниот февруари во изминатите триесет години и 1,77 стрепени потопол од проценетиот просек за февруари во втората половина на 19 век, кој метеоролозите го земаат како прединдустриски период за споредување на трендовите на затоплување.
Меѓутоа, кога февруари 2024 година се смета само за Европа, температурите на воздухот се за дури 3,30 Целзиусови степени повисоки од просекот за февруари во последните 30 години (поточно во периодот 1991-2020), посочува Коперник.
Ова е деветти месец по ред кој е најтопол забележан за тој месец од годината на глобално ниво, се наведува во соопштението од Европската служба за климатски промени.
– Колку и да изгледа необично, не е изненадувачки бидејќи континуираното затоплување на климатскиот систем неизбежно води до нови температурни екстреми. Климата реагира на реалните концентрации на стакленички гасови во атмосферата, па ако не успееме да ги стабилизираме, неизбежно ќе се соочиме со нови глобални температурни рекорди и нивните последици – објасни директорот на Службата за климатски промени Коперник, Карло Буонтемпо.
Просечната глобална температура на површината на морето во февруари 2024 година била 21,06 Целзиусови степени, што е највисока за кој било месец досега, повисока дури и од просечната температура во август 2023 година – за 0,08 степени Целзиусови.
За разлика од глобалната, европската зимска температура – просечната температура за месеците декември, јануари и февруари заедно – имаше потопли преседани. Ова е втора најтопла зима по 2019/2020 година, со 1,44 °C над триесетгодишниот просек.
Февруари 2024 година беше повлажен од просекот во Европа. Ветерот и обилните врнежи поврзани со неколку бури предизвикаа големи штети и прекини во делови од Европа, но во исто време повеќето медитерански земји, делови од Балканот, Турција, Исланд и северна Скандинавија беа посуви од просекот, се вели во соопштението.
Обемот на арктичкиот морски мраз беше 2% помал од просекот, и иако беше до 6% помалку во претходните години, тој е значително под вредностите забележани во текот на 80-тите и 90-тите години, посочуваат од Коперник.