Иако плетењето се смета за хоби на постарите лица, оваа активност е исклучително корисна за сите кои се под стрес, патат од анксиозност или имаат слични проблеми.
Истражувачите кои ја објавиле својата студија во научното списание “British Journal” забележале дека постои значајна врска помеѓу зачестеноста на оваа активност и смиреноста, при што лицата кои често плетат имале подобра когнитивна функција.
“Плетењето има значајна психолошка и социјална корист која може да придонесе за подобар и поквалитетен живот. И кај вешт плетач, а и кај оние кои се занимаваат кога сакаат да ја исполнат својата креативност, тоа има терапевтски потенцијал”, се наведува во студијата.
Во Велика Британија, лекарите се охрабрувани да го препишуваат плетењето како препорака на своите пациенти бидејќи носи корист и за физичкото здравје. Луѓето кои страдаат од артритис изјавиле дека плетењето ги одвраќа од хроничната болка. Плетењето како средство за одвлекување на вниманието може да помогне и во намалување на чувството на осаменост и изолација, што е чест проблем со кој се среќаваат постарите лица. Пушачите исто така велат дека плетењето им помага да го намалат бројот на цигари бидејќи рацете им се зафатени.
Како плетењето нè прави среќни?
Како и многу други активности, плетењето подразбира создавање на нешто од почеток, а тоа поттикнува ослободување на допамин во мозокот. На тој начин примаме природен антидепресив, односно на немедицински начин го стимулираме центарот за наградување.
Иако тоа може да се поврзе и со други креативни хобија како сликање и пишување, процесот на создавање кај плетењето и шиењето е поинаков односно помалку спонтан бидејќи воглавно се вклучуваат движења кои се повторуваат, а тоа може да го зголеми нивото на серотонин во мозокот.
Освен тоа, плетењето опушта и го смирува премногу активниот ум бидејќи нè тера да се концентрираме на она што моментално го правиме. Ваквото хоби нè ослободува од негативна енергија бидејќи претставува извор на креативна позитивност – имате чувство дека сте постигнале нешто.
Ритмичкото повторување на движењата смирува и доведува до благо “паѓање во транс”, а тоа го изедначува срцевиот ритам и го забавува дишењето.