Во разговор со неколку американски ИТ медиуми, Instagram открива како точно нивниот алгоритам одлучува што е тоа што ќе го прикаже на корисниците на мрежата
Instagram во 2016 реши да го промени стандардниот начин на прикажување на новите објави, кој беше едноставно прикажување по редослед од најновата, до најстарата објава од профилите кои ги следиме. Главната причина за тоа е зголемувањето на популарноста на мрежата, а со тоа и бројот на корисници и нивни објави.
Од Instagram истакнуваат дека по воведувањето на алгоритам којшто го одлучува редоследот на прикажување на објавите, иако корисниците се жалеа и го критикуваа споредувајќи го со алгоритамот на Facebook, дури 90% од објавите биле прикажувани на листата со новости. Пред воведување на алгоритамот, според Instagram, корисниците имаат пропуштено дури 70% од вкупните објави и 50% од објавите на нивните пријатели.
Во разговор со неколку новинари од САД, во нивните нови простории кои се спремаат за пуштање, Instagram детално го објасни работењето на нивниот алгоритам, па сега како корисници може точно да знаеме како функционира оваа друштвена мрежа.
Во основа, алгоритамот на Instagram одлучува што точно да му прикаже на секој корисник врз основа на три главни фактори и уште три споредни фактори. Главните фактори врз основа на кои се одлучува што е тоа што ќе биде прикажано на листата на корисникот се следните:
Интерес
- Алгоритамот на Instagram врз основа на минато однесување на одредена содржина, се обидува да претпостави колку корисникот ќе му биде важна одредена објава. Содржината покрај интеракцијата со неа, се проценува и врз основа на машинско визуелно анализирање, односно се проценува и нејзината содржина.
Време на објава
- Алгоритамот, иако не ги прикажува по редослед објавите, сепак зима во предвид кога одредена објава е објавена, па поновите добиваат поголем приоритет, наспроти тие што се постари, на пример од пред повеќе денови или недела.
Поврзаност
- Блискоста со корисниците на профилите кои се следат исто така се зима во предвид за одлучување на тоа што да се прикаже на листата со новости. Блискоста на корисниците се одредува врз основа на тоа колку често еден корисник имал интеракција со друг, односно колку често се има коментирано, лајкувано или дури и означено на слики.
Кога ќе се земат овие фактори во предвид, врз основа на нив алгоритамот одлучува што е тоа што ќе му го прикаже на корисникот. Тоа значи дека дури и двајца корисници да ги следат истите профили, листите со новости различно ќе им изгледаат.
Покрај овие три главни фактори кои се зимаат во предвид, алгоритамот ги зима во предвид и овие фактори:
Фреквенција
- Колку често корисникот ја отвара Instagram апликацијата е фактор во тоа што алгоритамот ќе одлучи да прикаже. Тоа значи дека прави разлика дали апликацијата се отвора повеќе пати секој ден или 2-3 пати во неделата.
Следење на корисници
- Бројот на корисници кои еден корисник ги следи исто така е фактор за алгоритамот. Поголем број на профили кои се следат значи дека алгоритамот ќе прикажува објави од поголем број на корисници, што на крајот значи дека објавите од еден профил помалку ќе се гледаат, на сметка на повеќето.
Користење
- Алгоритамот на крајот зима во предвид и колку корисникот останува вклучен на апликацијата, односно колку време поминува на Instagram. Тоа значи дека прави разлика за тоа што ќе биде прикажано дали корисникот се вклучува само на кратко да види што има ново или подолго време листа надоле по листата за да види што повеќе содржина.
Од Instagram исто така истакнаа дека алгоритамот на крие содржина, па доколку доволно долго се „скрола“ по листата, ќе се стигне до точка каде сите објави се видени. Корисниците кои објавуваат многу во текот на денот, нивните објави не се кратат, а исто така не се препорачува одреден тип на содржина. Во периодот што следи од компанијата не планираат враќање на стариот, хронолошки начин на прикажување на објавите.