Бројот на смртни случаи од коронавирусот се искачи на 80, додека бројот на заразени се искачи над 2.700.

95% од смртните случаи и повеќе од 50% од заразените се во провинцијата Хубеи.

Со ново пријавените 24 смртни случаи во покраината Хубеи – епицентарот на појавата на епидемијата – вкупниот број на жртви од коронавирусот во Кина сега изнесува 80, со 2744 потврдени случаи на заразени низ земјата.

Асошиејтед Прес објави список со најновите бројки за инфицирани со коронавирусот.

Кина исто така откри дека вирусот може да се пренесе пред да се манифестираат какви било симптоми, вест која во неделата ја потврди кинескиот министер за здравство Ма Ксиоуи.

Вториот најмоќен човек во Кина, премиерот Ли Кечианг пристигна во посета на Вухан, од каде вирусот се рашири во повеќе земји во светот, и таму се сретна со медицинскиот персонал и посети супермаркет во Вухан.

Многу видеоснимки се поставени на социјалните мрежи од средбата на Кечианг со медицинскиот персонал, кој исто така посети продавница каде на влезот му е измерена температурата.

Ли е втор најмоќен човек во Кина. Според владиниот весник Глобал тајмс, тој пред медицинскиот персонал во болницата во Вухан рече: „Тука сум да ве разведрам. Ве молам, чувајте се додека ги лекувате пациентите.“

Шефот на Светската здравствена организација денес ќе одржи посебна средба со официјални претставници во Пекинг на разговори за тоа како да се контролира коронавирусот.

Шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејезус, на Твитер изјави: „Моите колеги во СЗО и јас би сакале да дознаеме за последните случувања и да го зајакнеме нашето партнерство со Кина во обезбедувањето на понатамошна заштита во ширењето на болеста“.