Нема нови тестирани на коронавирус на Инфективната клиника, по вчерашните случаи, истакна на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Тој посочи дека состојбата на пациентката кај која беше потврден вирусот Ковид-19 е стабилна.

-Нејзиниот контролен тест е негативен, но за да се потврди треба да поминат 24 до 48 часа и тоа ќе го направиме согласно препораките и проценката на нејзината клиничка состојба и за резултатите ќе информираме. Доколку и контролниот тест е негативен таа повеќе не е инфективна, односно не може да ја пренесе болеста. Двајцата странци кои вчера се тестираа, а седеле во скопски хотел, се негативни, истакна Филипче.

Тој посочи дека денеска се очекува група од 20 туристи, државјани од Сингапур и Јапонија, кои преку Бугарија на граничниот премин Деве Баир ќе пристигнат од Романија каде има потврден случај на коронавирус.

-Иззвестен е локалниот центар за јавно здравје кој ќе го пречека автобусот, ќе бидат прегледени и интервјуирани патниците, посочи Филипче.

Министерот додаде дека на владина седница закажана во 13:30 часот ќе се разгледува препораката од Комисијата за заразни болести за продолжување на неодржување на големи јавни собири и одржување на спортски натпревари без публика.

Филипче нагласи дека во разговор со македонскиот конзул од Италија дознал дека се планира да се планира во Италија да се затвори регионот на Пјаченца, одлука која треба да биде донесена денес или викендов, па оттука се обидуваат да стапат во конакт со македонски граѓани кои евентуално планираат да дојдат од таму во Македонија.