Лекарската комора на Македонија планира нова средба помеѓу здруженијата на доктори и пациенти, истата средба се планира да биде за следната недела, на која ќе разговараат за да видат што е тоа што може да се промени за да се врати довербата меѓу пациентите и лекарите и да запре насилството.
„Само низ заеднички разговор едни со други може да ги препознаеме проблемите и да бараме решенија. Денешната средба беше една од првите што ќе следат натаму и е добар почеток за соработка. Нарушената доверба меѓу пациентите и лекарите мора да се врати. Јасно ни е дека и натаму ќе има нервози и незадоволство, ама сите заедно мора да се трудиме тоа да биде што помало и да нема насилство и инциденти“, вели доктор Калина Гривчева Старделова, претседател на Лекарската комора, која денес по серијата зачестени напади на лекарите организираше средба на повеќе здруженија на пациенти со четирите комори, односно Лекарската, Стоматолошката, Фармацевтската и Комората на медицински сестри, а присуствуваше и претседателката на собраниската комисија за здравство Мирсада Емине Асани.
Таа по денешната средба во комората изјави дека сите што работат со пациенти често се соочуваат со насилство, но дека генерално не е проблем само кај пациентите и дека тие најчесто незадоволни од други ќе се случи лошо да реагираат токму со најљубезниот меѓу нив.
„Неколку пати кажувам дека и ние како лекари треба да поработиме на себе и заедно со нашите пациенти да си ја зголемиме таа доверба, и ние да го подобриме нашиот однос, но и нашите пациенти да разберат дека насилството не е решение за какво било незадоволство“, вели Гривчева Старделова.
Таа вели дека како што веќе договориле на претходниот состанок со министрите за здравство, правда и внатрешни работи да има засилено полициско обезбедување околу поранешна градска болница, односно болницата за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, а на клиниките тоа да се реши со службите за обезбедување со тоа што ноќе ќе има отворен еден влез на интерните клиники или на хируршките.
Виолета Котевска, претседател на Комората на медицински сестри, вели дека насилството врз здравството е хроничен проблем и потребна е долготрајна стратегија и кон владините институции, и кон лекарите сите вработени во здравството, но и кон пациентот. Таа вели дека на пациентот не можат да му забележат ако е нервозен, но дека семејството треба да остане смирено за да не го нарушат работниот тек.
„Не може секој од нас да шета со обезбедување. Мора да нè остават да ја завршиме работата, ако сме професионалци и работиме по кодексот не може да ни каже семејството дека не си ја знаеме работата, и насилството никако не е решение, бидејќи има каде да се пожалат“, вели Котевска.