Уред кој што точно и презицно ќе покаже каде и колкаво загадување има. Ова е проектот на кој што работи младиот иноватор Петар Ордановски. Еко мониторот кој е веќе при крај со изработката, ќе мери не само ПМ10 честички во воздухот туку и ќе покажува колкава е температурата, каде и колкавo зрачење има, а ќе алармира и навреме во случај доколку некаде се појави пожар.
„Концептот е да има повеќе мерни станици кои што ќе комуницираат со една базна станица. Потоа податоците на централен сервер се обработуваат и се прикажуваат на веб страница, апликација или слично за да може точно да се видат резултатите и конретната слика каде има загадување. Хиперлокален е бидејќи точно со голема прецизност можеме да дознаеме колкаво е згадувањето, но покрај загадување се мерат и други параметри кои што се исто така многу важни како на пример соларизација, озрачување.“ – вели Петар Орднаовски – Еко монитор.
Ова е само еден од десетте проекти поддржани од Фондот за иновации за намалување на загадувањето. И додека младите иноватори работат на решенија, надлежните од министерството за животна средина се уште не го решиле проблемот со постоечките мерни станици кои се расипани уште од лани. Заменик министерот тврди дека ќе проработат наскоро.
„Во однос на лани 4 нови инструменти профункционираа, заврши тендерот за калибрација на преостанатите пет инструменти во Гостивар, Кичево, скопско Лисиче и Велес, а деновиве ќе бидат инсталирани и преостанатите мерни инструменти.“ – вели Јани Макрадули – Заменик – министер за животна средина.
Според младите иноватори пак без прецизни податоци не може да се бориме против загадувањето. Мерните станици на кои тие работат ќе чинат 90% помалку од цената на увезените, а ќе имаат и значително поголема прецизност од постојните. Ќе бидат поставени во сите градови, а информациите ќе се складираат во една базна станица, па така надлежните точно ќе можат да видат каде има загадување и да реагираат.
„За да се знае каде има загадување прво мора да се измери па потоа според тоа мерење да се преземат мерките. Не само што кога ќе се измери па да се преземат мерките, туку еко монитор во проектот е предвидено да има модел за предвидување така што однапред со помош на математички податоци и вештачка интелегенција ќе може да се предвиди кога и каде ќе биде загадувањето.“ – изјави Петар Орднаовски – Еко монитор.
И додека Македонија се гуши во загадениот воздух, од министерството за животна средина тврдат дека во првите шест месеци од годинава казнети се 242 загадувачи на животната средина, што е значително повеќе во однос на лани, а тврдат и дека биле дуплирани и редовните контроли.
Во однос на акцијата на инспекторите и полицајците, која ја најави Владата, министерството нема конкретни податоци што е сработено на терен, дали и колку загадувачи се фатени и казнети, но тврдат дека ефектите биле видливи.