Министерството за труд и социјална политика ја разгледало добиената граѓанска иницијатива на група родители за воведување на подеднакво родителство и по развод, поддржана од Првата детска амбасада во светот Меѓаши и во неколку наврати се сретна и одржа состаноци со преставници на оваа граѓанската иницијатива.
-Истовремено ве информираме дека независно од оваа иницијатива Министерството за труд и социјална политика веќе презема активности за подобрување на регулативата во насока на зајакнување на родителските обврски и поодговорно вршење на родителското право од страна на обата родитела, како и поефикасно остварување на правото на детето да одржува редовни и непречени лични односи и непосреди контакти со родителот со кого не живее заедно. Во оваа насока, потребно е да се направи анализа за ефектите од промена на регулативата, при што ќе се изврши консултации со сите засегнати страни, велат за „Фокус“ од МТСП.
Според одговорот од министерството во делот на поделеното старателство, особено е важно да се направи проценка на влијанието на измена на регулативата по однос на правилниот психо-физички развој на детето, во кој процес треба да се обезбеди релевантно експертско мислење и компаративна анализа со регулативата на земјите од опкружувањето и земјите членки на ЕУ.
– За оваа цел, од страна Министерството за правда и Министерството за труд и социјална политика од соработка со Советoт на Европа обезбедена е експертска помош од видни домашни и странски експерти во делот на регулирање на видувањата на родители и деца и доверувањето на деца. По завршувањето на овој проект ке биде доставен извештај за утврдената состојба во оваа област со препораки за надминување на констатираните проблеми. Истовремено треба да напоменеме дека и во сегашниот. Законот за семејството на Република Македонија заедничкото вршење на родителското право е предвидено во членот 45 и 46 во кој експлицитно е наведено дека родителското право им припаѓа подеднакво на мајката и на таткото, како и од член 76 според кој родителското право родителите го вршат заеднички и спогодбено. Во случаи на несогласување на родителите, во вршење на родителското право, решава центарот за социјална работа, притоа имајќи го најдобар интерес на детето, објаснуваат од МТСП.
Иницијативата за заедничко родителство по развод на вчерашната јавна расправа во собранието понуди веќе изготвен Предлог-закон кој се базира на компаративна анализа на европските семејни законодавства во однос на: одредување на висувањата на децата од разведени бракови, санкции за непочитување на решенијата за видување и критериуми за определување на издршка и алтернативни државни механизми во случај на неплаќање на издршка. Тие изготвиле и два правилника со кој целосно се регулира оваа сфера, а понудија и родителски план кој ги опфаќа сите можни ситуации, вклучително и распореди за контакт на детето со родителите за време на празници, родендени, слави, распореди за училишни празници, па дури и решенија за родителите кои живеат во различни градови.
Основата на овој предлог закон е заедничкото родителство по развод, односно, идејата, доколку дојде до развод на брак во семејството, секој од родителите да има можност годишно да поминува од 120 до 180 дена со своето дете во сите случаи, освен исклучоците опфатени во еден член од законот кои се однесуваат на родители кои не сакаат, не можат или не се подобни за заедничко вршење на родителското право (зависници, осудени насилници, душевно болни).
Пратеничките Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ И Јагода Шехпанска и Ивана Туфегчиќ од СДСМ, реагираа со забелешка дека не се поканети сите засегнати со овие промени, односно, женските здруженија, но и преку лични примери, реагираа на некои решенија од законот.
Пратеничките си заминаа од расправата, па на крајот, после 3 ипол часа колку што траеше расправата, немаше кворум за да се изгласаат заклучоците од истата.