Европската комисија соопшти дека извршила ненајавена инспекција во просториите на компанија за производство на медицински помагала за лица со кардиоваскуларни заболувања.
Инспекцијата е иницирана поради загриженоста на Еврокомисијата дека компанијата можеби ги прекршила антимонополските правила на ЕУ кои забрануваат злоупотреба на доминантна позиција на пазарот. Службеници на Комисијата при инспекцијата биле придружувани од нивни колеги од органите за контрола на конкурентоста на земјата членка на ЕУ во која се наоѓа седиштето на компанијата.
Како што јавуваат македонските медиуми од Брисел, ненајавените инспекции се прелиминарен истражен чекор што го презема Европската комисија за сомнителни антиконкурентни практики. Фактот што Комисијата врши инспекција не значи дека компанијата која е предмет на истрагата ги прекршила антимонополските правила, ниту пак го преудицира исходот од самата истражна постапка.
Со регулативата на ЕУ не е предвиден законски рок за комплетирање на истрагите за монополско однесување и нивното времетраење зависи од повеќе фактори, вклучувајќи ја сложеноста на случајот, степенот до кој засегнатите компании соработуваат со Комисијата и остварувањето на нивните права на одбрана. Во соопштението на ЕК не е посочено името на компанијата, ниту земјата од која таа потекнува.