Предвидените измени на Законот за управување со отпад, денеска ја поминаа матичната собраниска комисија. Со овие измени се забранува увоз на отпад кој се користи како извор на енергија. Укинувањето на овој став од Законот доби поддршка и од власта и од опозицијата.

Предлог Законот е иницијатива на пратеничките од ДОМ, кои велат дека измените треба да поттикнат сериозна контрола на отпадот кој се увезува во земјава.Тие посочуваат дека на терен има загадување кое нема друг извор освен користење на горива и горилници кои не се соодветни. Целта на Законот е да се намали загадувањето на животната средина и да биде во функција на здравјето на граѓаните.

Според предлагачите, укинувањето на забраната за увоз на отпад кој се користи како извор на енергија е на барање и на еколошките организации. Но, активистите не се задоволни. Сметаат дека се додека Македонија нема механизми за контрола на тоа што се внесува во земјава, треба комплетно да се забрани увозот на отпад. Активистите потенцираат дека на ваков начин можни се злоупотреби и манипулации на истиот, односно секогаш ќе постои можноста да се внесе и отпад кој ќе биде токсичен, канцероген, односно на било каков начин штетен по здравјето на граѓаните и животната средина.

Предвидено е новиот Закон да се носи по скратена постапка. Тој и понатаму ќе овозможува увоз на отпад во Македонија, но само ако се користи како суровина и кој ќе може да се преработи без да претставува ризик по здравјето на луѓето.