Од Aвгуст почна со работа патронажната медицинска служба во село Лазарополе, која секој четврток до крајот на летната сезона ќе ротира во овој регион, соопшти Министерството за здравство.

Лекар и медицинска сестра од Здравствениот дом во Ростуше еднаш неделно во периодот од 9 до 13 часот на жителите ќе им ја пружаат потребната здравствена заштита и нега, во една од просториите на зградата од месната заедница (старата општина), која специјално е наменета за овој мобилен сервис.

„Светската здравствена организација ги оцени интегрираните услуги за домашна нега на Министерството за здравство како одлична мерка за поттикнување на унапредувањето на здравствените услуги кај граѓаните. Патронажните служби во Кочани, Ресен и Галичник се покажаа ефикасни, стручен тим оди на терен, во домовите на пациентите, и се грижи за здравјето на жителите. На овој начин здравствените услуги ги доближуваме поблиску до граѓаните, најблиску до домот на живеење“, велат од Министерството.