Научниците предупредија дека подваријантата на ковид, која ја нарекоа XEC, брзо се шири во Европа и наскоро би можела да стане доминантен вид. Луѓето почнаа да се разболуваат од новата варијанта на ковид, а се очекува да стане доминантна.
Новата варијанта наречена XEC, е идентификувана во Германија во јуни, а потоа се појави во Велика Британија, САД, Данска и во уште неколку земји, пишува Би-би-си.
Утврдено е дека XEC има некои нови мутации кои би можеле да ѝ помогнат на оваа варијанта да се шири оваа есен, иако експертите веруваат дека вакцината и понатаму би требало да помогне во спречувањето на потешките случаи.
Професорот Франсоа Балу, директор на Институтот за генетика на Универзитетскиот колеџ во Лондон, рекол дека XEC може да стане доминантна подваријанта во текот на зимата.
„Во овој момент, варијантата XEC се чини дека најверојатно е следната“, напиша Ерик Топол, директор на Истражувачкиот институт Скрипс рисрч, во објавата на социјалната мрежа Икс во неделата, пренесува „Индепендент“.
Четирите најчести симптоми
Симптомите што ги имаат пациентите со варијантата XEC се слични на оние на настинка и грип, како и досега, а четирите најчести се:
– висока телесна температура
– болки
– замор
– кашлица или воспаление на грлото
Повеќето пациенти се чувствуваат подобро неколку недели откако се заразиле, но закрепнувањето може да потрае подолго. Аналитичарот што ги анализира податоците за ковид, Мајк Хани, истакнува дека дошло до голем раст на бројот на заболени од варијантата XEC во Данска и Германија.
Во исто време, се спроведуваат помали рутински тестирања од претходно, така што е потешко да се знае колку навистина ковидот е присутен. Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија (УКХСА) вели дека е нормално вирусите да мутираат и да се менуваат.
Според достапните податоци, и од новата подваријанта најзагрозени се постарото население, имунокомпромитирани лица и луѓето со тешки хронични болести.