Со одредбите на Законот за здравственото осигурување, се утврдени категориите лица кои задолжително се здравствено осигурани. Но, во праксата се јавува категорија деца со пречки во развојот и со специфични потреби за кои се користи право на посебен додаток и кои во дадени ситуации немаат основ на осигурување.

Со Законот е утврден услов од шестмесечно континуирано плаќање на придонес за здравствено осигурување, за остварување на правото на ортопедско помагало.

Со законот е утврдено дека Листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот ја утврдуваат 14 стручни комисии, формирани од Владата на Република Македонија согласно АТЦ класификацијата на лекови, а секоја комисија одделно е составена од 17 членови. Ова законско решение во праксата се покажа како гломазно, широко поставено и неприменливо.

Согласно одредбите од Законот Фондот не признава ортопедски помагала кои се изработени од надстандарден материјал и истите осигурениците ги плаќаат со лични средства.

Согласно Законот со помош на електронската здравствена картичка се утврдува податокот за уплатен придонес и истовремено се користат електронските услуги преку Порталот на Фондот. Во овој момент истечен е рокот на важност на електронската здравствена картичка.

Во праксата се јави потреба од прецизирање на законската одредба која се однесува на случаите на ослободување од партиципација на одделни категории лица и истовремено кој е носител на обврската за надоместување на тие средства. Со законот се утврдени меѓународно признатите сертификати за активно познавање на англискиот јазик од страна на директорот на Фондот и положен психолошки тест и тест за интегритет.

Со предложеното законско решение се воведува нова категорија на осигурени лица а тоа се децата со пречки во развојот и со специфични потреби за кои се користи право на посебен додаток и кои во дадени ситуации немаат основ на осигурување.

Со Предлог -законот се брише условот од шестмесечно континуирано плаќање на придонес за здравствено осигурување, за остварување на правото на ортопедско помагало. На овој начин се олеснува постапката за остварување на правото на ортопедско помагало.

Со предложените измени на Законот за здравственото осигурување се поедноставува утврдувањето на Листата на лекови со тоа што наместо 14 стручни комисии, а секоја одделно брои по 17 членови, министерот за здравство во иднина да формира една стручна комисија која ја утврдува Листата на лекови согласно меѓународната АТЦ класификација.

Со предложените измени се дава можност на осигурениците да остварат право на ортопедско помагало изработено од надстандарден материјал и да го доплатат износот со свои лични средства.

Поради истекот на важноста на електронската здравствена картичка се предлага можност за користење на општо прифатениот електронски потпис.

Со новопредложената одредба која се однесува на ослободување од партиципација на одделни категории лица се прецизира кои лица се ослободуваат и кој за нив ќе ги надомести трошоците на име партиципација.

Со предложените измени на законот во делот на меѓународно признатите сертификати за активно познавање на англискиот јазик од страна на директорот на Фондот се додава сертификатот АПТИС, а се брише потребата од положен психолошки тест и тест за интегритет.