Двајца контролори во Фондот за здравство завршија во Шутка зошто барале мито од матичен лекар. Судија на претходна постапка им определи 30 дневен притвор. Обвинителството ги сомничи дека на матичниот директно му побарале 500 евра за да не го казнат за неправилности околу издадено боледување на пациент. Осомничените службеници контролата во ординацијата ја извршиле минатата недела, а неколку дена ги барале парите од докторот.
– По изготвувањето на записникот, една од осомничените понудила да не биде изречена санкција за контролираното правно лице, а за возврат побарала парична награда – поткуп во износ од 30.000 денари. Од тој износ по 10.000 денари биле наменети за двајцата осомничени и за уште едно засега непознато лице, исто така контролор во Фондот за здравствено осигурување. Второто осомничено лице неколкупати телефонски го контактирало оштетениот, повторувајќи му дека треба да ја даде паричната награда за да нема последици за неговата ординација, соопштија од обвинителството.
Потоа второосоменичениот го договорил матичниот лекар во понеделникот да ги донесе парите во еден скопски ресторан, по што двајцата контролори од Фондот за здравство биле лишени од слобода за сторено кривично дело – примање поткуп.
Од Фондот за здравство за Сител изјавија дека ги суспендирале од работни обврски двајцата службеници, а во зависност од судскиот епилог ќе одлучат какви други санкции ќе превземат.
Ова е прв случај контролори од Фондот да завршат во притвор за барање мито од лекари.