Здружението на самохрани мајки „Една може“ ќе организира неколку неформални работилници, на кои ќе се зборува за женските права и можности. Проектот „Жените можат“ вклучува жени, девојки и девојчиња од сите генерации и деца на жените-мајки, кои се интересираат за креативно практикување женско културно и социјално, интердисциплинарно самојакнење. Целта е учесниците да се зајакнат, да бидат информирани и да стекнат знаења и вештини за разбирање на родовите нееднаквости, во контекст на општественото функционирање, но и во контекст на индивидуалните права.
– Проектот воведува уникатни приоди и методологии за да ја издигне свеста на учесничките за различните нерамноправни улоги и одговорности на жените и мажите во секој поединечен контекст. Исто така, проектот ќе овозможи граѓанска едукација за правата, потребите и препораките за воспоставување родова еднаквост, теоретски, практични и креативни интердисциплинарни, неформални работилници. Резултатот треба да биде промена во перцепциите и знаењата на учесничките – велат во здружението.
На работилниците ќе зборуваат активистки од женски граѓански организации. За жените во политиката ќе зборува д-р Дијана Стојановиќ Ѓорѓевиќ, за женските работнички права ќе зборува Ана Василева, за родово базирано насилство и за семејно насилство ќе зборува феминистката и активистка Билјана Настовска, а за културолошките родови димензии ќе зборува д-р Ана Мартиноска.
Работилниците ќе се одржуваат во просториите на здружението за самохрани мајки во Капиштец. Ќе почнат од идниот месец и ќе траат сѐ до крајот на годината. Повеќе информации има на фејсбук-страницата на „Една може“.