Ситуацијата со новиот коронавирус во Русија и понатаму е непредвидлива, предупреди претседателот на Руската академија на науките, Александер Сергејев, додавајќи дека фактот што стапката на смртност се уште не се намалува, предизвикува сериозна загриженост.
– Ситуацијата е многу непредвидлива ако се земе предвид развојот на епидемијата. Првиот пристап кон ублажување на мерките на карантин треба да биде врз основа на стапката на морталитет, односно кога навистина таа ќе почне да се намалува. Засега ситуацијата е ризична, бидејќи смртноста не се намалува и тоа предизвикува сериозна загриженост, истакна Сергејев.
Тој нагласи дека вакцина против Ковид-19 не треба наскоро да се очекува.
– Процесот за развој на вакцина е многу долг. Ќе мора да почекаме барем неколку месеци. Дури и предклиничките тестови да дадат позитивни резултати, тоа не е гаранција дека ќе покаже такви резултати во текот на клиничкото тестирање, изјави Сергејев.
Русија засега се наоѓа на второ место во светот по бројот на заразени со коронавирусот – 308.705, а смртни случаи 2.972.