„Новите парадигми на инклузивното општество“ е темата на 9. Меѓународна научна конференција која се одржува на Европски универзитет. Целта на оваа конференција е да одговори на предизвиците кои се исправаат на патот на човековиот развој, а во овој случај да ги обедини напорите во создавање на еднакво општество за сите нас. На конференцијата беа разменети експертски знаења, професионални практики и лични искуства на учесниците во дебатата кои беа во насока на создавање на поприменливи решенија за новото инклузивно општество и подобар живот за сите нас.


Ректорот на Европскиот универзитет, проф. д-р Јана Манева-Чупоска, истакна дека темата е многу значајна, пред сè за развивање на свеста кај сите нас за прифаќање на различностите кај луѓето.
-За жал, сведоци сме денес дека сите луѓе не се во можност да ги реализираат своите права поради нивниот хендикеп или инвалидитет. Честопати лицата со инвалидитет се гледаат како жртви на нивната попреченост, при што се игнорираат силните страни на личноста, посебностите, вештините и се третираат како да немаат право да се изразат наместо да се третираат како личности кои можат да бидат општествено корисни. Многу зборови и фрази кои се користат за лицата со попреченост ги рефлектираат овие дискриминирачки ставови. Токму затоа се поставува прашањето колку ние сме подготвени, знаеме и имаме желба да ги прифатиме различностите кај секој од нас. Европскиот универзитет секогаш ги поддржувал и ќе продолжи да ги поддржува активностите во оваа насока, истакна Манева-Чупоска.


Проф. д-р Гордана Вренцоска, претседател на организациониот одбор, истакна дека секој поединец треба да се чувствува сигурно и безбедно и да има услови за активно учество на сите нивоа во граѓанскиот, културниот, економскиот и политичкиот живот во општеството.
-Достапноста до квалитетно образование и здравство, правна заштита, непречено учество во јавниот и политичкиот живот, здрави природни ресурси, слобода на говор и изразување, слобода на движење се само дел од целите кои инклузивното општество ги поставува на својата патека за подобар живот на сите нас, истакнаа проф. д-р Вренцоска.


Според Ребека Јанковска Ристески, активист, родител, претседател на Здружението на лица со хендикеп, ретки болести и посебни потреби „Дајте ни крила“ и на Националната алијанса за ретки болести, луѓето во нашата држава не се подготвени за инклузија.
– Сите промени кои се случуваат во општеството во оваа насока се површни. Беа направени некои промени во законите, но сето тоа е само на хартија. Имаме и светли точки, но, за жал, поголемиот дел од нашето општество не е спремно за инклузија. Не се направи ништо во однос на подобрување на свесноста на луѓето, истакна Ребека и додаде дека како родител и како претседател на Здружение на лица со хендикеп, ретки болести и посебни потреби, е сведок на многу родители на деца кои биле одбиени да се запишат во градинка или на училиште поради нивната попреченост.
Маријан Петров, социјален работник и сопственик на ресторанот „Амбрела“, кој вработува лица со попреченост, вели дека има многу пречки бидејќи во нашето општество сè уште не е развиена свеста за прифаќање на овие лица.
-Ова е еден добар пример на вистинска инклузија кој треба да се следи. Лицата со попреченост се реално вклучени во една реална средина и имаат можност да комуницираат со луѓе, бидејќи поголем дел од лицата со попреченост работат, а сепак се изолирани, истакна Петров и додаде дека се соочува со многу проблеми и немање поддршка од приватните и државните институции.


Дивна Видиниќ, директор на ДСУ за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“ – Скопје, рече дека иако многу е направено за инклузија на лицата со попреченост треба уште многу да се направи.
-Во училиштето учениците имаат можност да се стекнат со вештини за работа, вештини на комуникација, тимска работа итн. Заради подобрување на нивното образование имаме долгогодишни соработки со невладини организации кои се многу успешни и кои многу значат во нивниот развој. Децата одат на кампување, во текот на летото имаат различни работилници, учат да подготвуваат храна итн. Многу од децата се вклучени и во европски проекти и заминуваат во други држави и се дружат со други деца од кои можат да научат многу за различностите, изјави директорката Видиниќ.
Рамка: Изложба со порака дека треба да им се даде шанса на лицата со попреченост
Во рамките конференцијта, во четвртокот, во галерија КО-РА, при ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ Скопје, беше отворена изложба на која беа презентирани уметнички и дизајнерски дела од авторите Марта Џиомџора, Здружение на граѓани „ХОПС – Опции за здрав живот“ Скопје, Ангела Евремова, Андреј Стамевски, Александра Јовановска и Екатерина Намичева, Маја Ѓуреска, Антонија Гугинска, Росица Колева, Елена Бојаџиева, Гордана Вренцоска, Александра Петрушевска Ристовска, Христијан Санев, Јана Манева-Чупоска, Назли Џан и Мерт Расим.


Сите изложени дела сосема јасно и без заобиколување ја испратија пораката дека денеска во 21 век, во едно современо општество кон кое се стремиме и ние не треба да станува збор за предрасуди, бариери и блокади кои ќе им бидат пречка на лицата со попреченост во нивниот понатамошен развој.