Опасната бактерија салмонела хара по сендвичарите. Позната скопска сендвичара е привремено затворена поради неколку случаи на труење со храна. Основ за вонредната инспекциска контрола биле 9 случаи регистрирани во Cентарот за јавно здравје, од кои 5 лица со наод на салмонела, 3 со гастроентероколитис и едно со труење од храна.
Инспектори на АХВ, ДСЗИ и Центарот за јавно здравје извршиле вонреден надзор на сендвичарата во Аеродром за која затруените изјавиле дека од таму консумирале сендвичи.
– За утврдување на причинителот на инфекциите, земени се 5 мостри од храна и тоа мајонез, кечап, стек, плескавица и марула, 4 бриса од работни површини и опрема, и 3 од вработените лица. Издадено е решение за забрана за подготовка и послужување на храна се до добивање на негативни резултати.
Од пријавените случаи, 4 се хоспитализирани во болница.
Освен сендвичарата во Аеродром, затворен е и ресторан во населбата Влае поради небезбедна храна. Директорот на АХВ најави засилени инспекциски контроли во Скопје, но и низ државата.
Од инфективна клиника за Сител велат дека пред два дена се примени двајца пациенти со дијареа и повраќање, кои по третман во клиникaта си заминале дома со потпис. Ниту еден од нив не ја посочил сендвичарата при приемот во болница.
Поради состојбата земени се примероци за анализа, а денеска едниот од нив при земање на резултатите на кои била констатирана салмонела изјавил дека се сомнева на храна која ја јадел од сендвичарата.
Апелот од надлежните е да се внимава што и каде јадат бидејќи високите температури се причина повеќе за ширење на бактерии и заразни болести.