Министерке, директорските решенија ви се без соодветно факултетско образование!
Циркузијадата со установите за социјална заштита продолжува и понатаму, а министерката Мила Царовска станува нејзино заштитно име. Паралелно со импровизацијата што се нарекува деинституционализација, Мила Царовска поставува за в.д. директори на постојните установи, лица кои немаат четиригодишни додипломски студии, соодветно работно искуство, ниту пак го исполнуваат условот за познавање англиски јазик.
Во член 187, став 2 од Законот за социјална заштита, се вели дека вршителот на должноста директор треба да ги исполни истите услови како за избор на директор, а тие услови се утврдени во членот 186 од именуваниот закон, што помеѓу другото предвидува високо образование, како и да поседува еден од меѓународно признатите сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик.
Меѓутоа, фактичката состојба во некои од установите за социјална заштита е сосема поинаква, наликува на циркус, зашто ,,директоруваат некадарни кадри”, односно такви кои немаат факултетско образование, ниту пак поседуваат меѓународно признати сертификати за познавање на англиски јазик, согласно тие кои се предвидени со актуелниот закон. И покрај тоа што во тие установи има дипломирани стручни кадри со VII/1 степен, односно240 ЕКТС кредити, сепак, на челните позиции Царовска поставува партиски тркачи кои ѝ се делегирани од СДСМ, без почитување на законските услови. Да биде состојбата уште поаспурдна, станува збор за лица кои во ниеден момент немале улога во креирањето и спроведувањето на политиките на Установите, што значи лица кои некритички ги спроведуваат сите одлуки во циркусот, што Царовска се обидува да ни го спакува и продаде во розов целофан, со посвета ,,деинституционализација”!
Кој курс на пловидба го имате фатено министерке во вашите наврат-нанос обиди за ,,европеизација” на нашите установи! Сè ви е толку нејасно, завиено, матно! Зборувате за имплементација на законите и правото, а постапувате сосема спротивно. Ако не е така, можеше ли во дава мандата, иако Законот за социјална заштита вели најмногу до шест месеци, во Домот за доенчиња да биде директор воспитувач со Виша педагошка школа, а да ја замени пак медицинска сестра со тригодишни студии на Високата медицинска школа, чиешто образование е пониско од образованието на постојните стручни кадри во Установата!? Ако не е така, може ли во Специјалниот завод Демир Капија директор да биде поранешната секретарка на Директорот, со тригодишни струдии по туризам!? Министерке, до каде мислите да стигнете со вашите ,,фали ме усто оти ќе те раскинам” политики?!
Да не беше жално ова што го правите, ќе беше многу многу смешно! Но, впрочем како и сè друго откако дојде „животот во Македонија”.