Повторно се вандализирани детски игралишта во општина Центар, овојпат во населбите Капиштец, Водно и Дебар Маало. На детските игралишта Партение Зоографски, Славка Недиќ и новото игралиште близу ТЦ „Зебра“, уништени се дел од реквизитите, клупи, искинати се кабли и уништени се лулашки и огради.

Поради ваквите вандалски однесувања градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, апелира до несовесните поединци да престанат со уништување на урбаната опрема и ги повикува граѓаните да ги пријавуваат оние кои ќе ги затекнат во вакви дејствија. Тој информира дека на годишно ниво Општината троши од 3 до 5 милиони денари за оштетената опрема, наместо овие средства да бидат искористени за изградба на нови детски игралишта.

Уништената урбана опрема значи недостиг на место за седење во блискиот парк, простор за оддишка на пензионерите или мајките со деца, помалку лулашки или лизгалки во детските паркови и игралишта. Уништената урбана опрема е лицето на нашето однесување и сликата за нашата свест. И треба да се запрашаме каде одиме. Штетата што се прави на јавно-прометните површини е во количини што не се за потценување – вели Герасимовски.

Општина Центар ги известува граѓаните дека во ноќните часови детските игралиште се користат како места за собирање и консумирање алкохол, а наутро општинските служби чистат искршени стаклени шишиња и срчи. Оттаму апелираат за внимание и од страна на родителите за постапките и однесувањето на своите деца.

Уништувањето на урбаната опрема претставува прекршочно дело за што следуваат казни од надлежните институции. Со цел да се заштити јавното добро Герасимовски ги повикува граѓанските организации, месните и урбаните заедници да се вклучат во подигањето на свеста за зачувување на урбаната опрема, како и да се вклучат во конкретни активности кои ќе придонесат за подобрување на актуелната состојба.