Заменик министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски денес се обрати на дебата во македонското Собрание.

-Големо е значењето на дебатата на која се обратив денеска во Собранието на Република Македонија, за младински политики и Законот за младинско учество и политики – тема која е од клучно значење за иднината на нашата држава. Како заменик министер, свесен сум дека младите се движечката сила на нашето општество, а оваа дебата е можност да зборуваме за предизвиците и можностите кои ги имаме пред нас.
Македонија е соочена со сериозни демографски и социо-економски предизвици, кои ги засегаат токму младите. Намалениот наталитет, иселувањето и недостигот на перспективи се прашања на кои мораме да одговориме со конкретни и долгорочни мерки, рече тој.

Велковски посочи дека преку програми за вработување, поддршка за стартапи, ослободување од данок за младите, гарантирана работа за најдобрите студенти и обуки за дигитални вештини, можеме да создадеме услови за подобра иднина и да ги задржиме младите во Македонија.

-Во Македонија мора да функционира системот за да ги задржиме младите. Само преку силни институции, квалитетно образование, сигурни работни места и јасни перспективи за иднина, младите ќе можат да најдат причина да останат и да се развиваат тука. Решенијата мора да бидат системски, а не само моментални, за да создадеме стабилна средина која ќе ги поттикне да останат, вложуваат и градат иднина во својата татковина. Одлуките што ги носиме денес во Собранието ќе ја одредат нашата иднина утре, посочи Велковски.