Во организација на Министерството за социјална политика, демографија и млади и германската хуманитарна организација Arbeiter-Samariter-Bund (АСБ) во рамките на проектот „Обединети против семејното насилство во Западен Балкан – Регионална соработка и поддршка за прифатилишта за жртви на семејно насилство“, денеска се одржа Регионална конференција на која, покрај заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски учествува и Јан-Аксел Фос, заменик на амбасадорот на Германската амбасада во Македонија, како и министри и советници на министри од Босна и Херцеговина, Косово и Србија.

Во своето обраќање, Велковски рече: „Северна Македонија ја препознава огромната одговорност што ја имаме за исполнување на нашите обврски според меѓународните рамки, особено Истанбулската конвенција, која нè води кон создавање безбедни средини за жртвите. Посветени сме и на постигнување на целите поставени од Берлинскиот процес и во рамките на пристапните преговори со ЕУ, особено во Поглавјата 19 и 23, за да постигнеме видлив напредок во спречувањето на насилството и зајакнувањето на родовата еднаквост”.

Говорејќи за проблемот со родово базираното насилство, Велковски истакна дека од исклучителна важност е работата на превенцијата на родовото базирано насилство и вклучување на мажите во превенција на родово насилство, градење на култура на толеранција и меѓусебна почит уште од најрана возраст.

Присутните беа информирани дека на територијата на Република Северна Македонија воспоставени се 13 специјализирани сервиси за згрижување на жени жртви на семејно насилство и родово базирано насилство (засолништа) во 6 плански региони. Услугите кои ги добиваат згрижените жени жртви опфаќаат низа мерки и активности насочени кон заштита, поддршка на правата, безбедноста и добросостојбата на жените и девојките жртви на родово базирано насилство, како и нивно безбедно сместување, советување и обезбедување информации за правата и услугите.

„Оваа услуга им помага на жртвите при нивното закрепнување, зајакнување, спречување од повторно појавување на насилството и промена на ставовите и перцепциите за насилството”, дополни заменик министерот за социјална политика, демографија и млади.

Тој смета дека ова не е доволно, односно дека потребна е соодветна, целосна и ефикасна имплементација на Законот од страна на сите институциите и постапување со должно внимание, со цел заштита на жртвите согласно човековите права и слободи.

Велковски информираше дека е започнат процес на подготовка на Стратегија за борба против родово базираното насилство.
„Стратегијата ќе биде патоказ за идно постапување и подобрување на националниот одговор во борбата против родово базираното насилство”.

Заменик министерот Велковски на крајот од своето обраќање рече: „Наша највисока цел останува спроведување на највисоките стандарди за ефикасна заштита на жртвите на родово базирано насилство.”