Илјадници граѓани на Македонија овие денови, особено вчера по потврдувањето на првиот случај на коронавирус во нашата земја ги откажуваат своите аранжмани, екскурзии и патувања во Италија, додека власта која најавуваше со недели дека се преземени сите потребни мерки за справување со коронавирусот потклекна.
Револтирани читатели и туристички агенции во изјави за КУРИР прстот го вперуваат во владата која не мрднува со прст, додека на истото обвиниа и Стопанската комора на туристички агенции во Македонија.
-Ние долги години патуваме со нив и имаме искуство, а тоа што се случува во моментов е неразбирливо. На 27 декември минатата година ние им уплативме 30 проценти од аранжманот (19.120 денари) и истиот е оми мартовски од (06-09) март со појадок во Амалфи, Неапол. Со оглед каква е ситуацијата ние имаме и соработка со италијански фирми од југот на Италија со кои што деновиве соработката ни е прекината поради познативе причини и короноварисот кој владее таму. Поради ново настанатата ситуација на позната туристичка агенција од Македонија ние пред два дена им испративме меил дека поради коронавирусот ние се откажуваме од аранжманот и би ве замолиле да ни ги вратите 30 проценти од уплатените средства. Тие ни одговорија дека не само што не може да ни ги вратат парите, туку и ќе не задолжат малтене до висина на целокупниот износ на аранжман или до 95 проценти од целокупниот износ затоа што наводно тие веќе ги уплатиле сите средства на хотели, водичи и авионски билети, раскажува револтираниот граѓанин.
Тој додава дека се наоѓа во ситуација каде треба да платат за таму каде што не треба и не смее да одат.
-Го поставувам основното прашање, кој нас треба да не заштити? Постои ли тука некое министерство, држава која што треба да наложи СТОП да не се патува таму, или да се одложи додека работите не се средат. Ситуацијата е пародија, ние треба уште да доплатиме пенали што се откажуваме. Испаѓа дека профитот на компаниите е многу поважен од здравјето и од животот на граѓаните од оваа држава, тој што е надлежен ништо не кажува и ништо не презема, вели граѓанинот.
Од агенцијата ги уверувале и дури и дека тој дел на Италија е изолиран и безбеден за патување со што немале намера да ги откажат турите.
„Ние сме криви што ги откажуваме аранжманите, а парите ќе ни ги вратат доколку тамошните хотели им ги намалат цените“, завршува видно револтираниот граѓанин кој се обрати до КУРИР се со цел овој суштински проблем овие денови да добие своја разрешница.
Од познатата македонска туристичка агенција панично не сакаа да одговорат на нашето новинарско прашање, но прстот го вперуваат кон Стопанската комората на туристичките агенции која денеска преку соопштение упатила апел и Владата да се вклучи во овој проблем.
-Ние сме државен пријател број 1, како ние да го пуштивме вирусот. Дали како агенција, која е и да е треба да ги врати парите на сите патници и да ги затворат сите агенции и да останат сите вработени на улица. Затоа што тие ќе загубат 100 евра, а агенциите илјадници, вели вработена во агенцијата.
Таа додава дека особено за аранжманите кои содржат и авионски билети не можат да кажат во моментот ништо конкретно затоа што сите трошоци од нивна страна се уплатени.
-Се што ќе ни биде на нас вратено, ќе вратиме и ние, потенцираат од туристичката агенција за КУРИР.
Од Стопанската комора на туристички агенции велат дека сите аранжмани за 8 март за Италија се откажани и реагираат на ресорните министерства кој до овој момент буквално не мрднуваат со прст за настанатата ситуација.
Аранжманите за 8 Март за Италија се откажани поради новонастаната ситуација со коронавирусот, а поради паника и страв има обиди за откажување и на аранжманите за другите региони, велат од Стопанската комора за туризам на Македонија.
Оттаму посочуваат дека туристичките компании веќе трпат штети и оти во моментот не е потребна паника, туку конкретни акции кои треба да се преземат. Реагираат бидејќи немаат конкретни насоки од ресорните министерства како треба да постапуваат во вакви ситуации. Бараат од Министерството за транспорт и врски заедно со авиокомпанијата „Визер“ да заземат став за пролонгирање или рефундирање на уплатените средства за авионски карти за Италија со цел да се обештетат патниците.
Во понеделникот дописи испратиле и до министерствата за здравство и за надворешни работи, но, како што посочија на денешната прес-конференција, од МНР ги исконтактирале вчера, а се уште немаат одговор од Министерството за здравство.
– Понудите за регионите зафатени со вирусот се повлечени, но имаме откажувања и за другите региони кои не се зафатени. Стравот и паниката се преголеми кај патниците, но и компаниите се во слична ситуација. Затоа вчера испративме допис и до Министерството за економија од каде побаравме да излезат со став за менаџирање во ваква кризна ситуација во услови на виша сила. До овој момент немаме одговор, истакна Билјана Пејовска – Ристовска, извршена директорка на Комората.
Од Комората велат дека Рим не сака да ги врати веќе уплатените средства за хотелско сместување и ако се враќаат средства, тогаш тоа ќе треба да го направат агенциите на своја рака.
– Само за северна Италија имаме поврат на средства. Бараме барем „Визер“ да ни излезе во пресрет, бидејќи зема субвенции од државата. Двете опции се на маса, нагласи новиот претседател на Комората, Емил Димитровски.
Според Димитровски, паниката ќе биде доведена до тоа ниво да бидат откажани голем дел од аранжманите со што ќе се направи штета и на патниците и на агенциите.
Во случај доколку се откаже аранжман за патување во другите региони, тогаш ќе бидат применети општите услови за патување.