35-годишиот Душан Димитровски од Битола кој е болен од шизофренија со два починати родители веќе 7 години се влече низ лавиринтите на системот. Неговите роднини бараат тој да добие семејна пензија после смртта на неговата мајка во 2011 година, но неуспешно бидејќи донесено е решение од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување со кое не му се признава правото. Откако го обжалиле решението, во 2017 година, Управниот суд носи решение со кое се наведува дека Душан има неспорно право на семејна пензија, а предметот се враќа повторно на постапување и одлучување.

-По оваа пресуда постапи Државната комисија и донесе решение со кое го задолжи ПИОМ Битола во целост да постапи по насоките на пресудата. Но ПИОМ Битола, по речиси три месеци молчење на администрацијата, донесе негативно решение со што го изигра и правосилното судско решение и второстепеното решение. Со ваквиот незаконит потег на ПИОМ, Душан е доведен во ситуација институциите повторно да си играат пинг понг со неговата судбина, вели Снежана Секуловска, братучетка на Душан.

Од ПИОМ Битола објасуваат дека согласно Законот за пензиско и инвалидското осигурување, Душан не е можно да добие пензија како што се бара по основ од мајката бидејќи таа не била осигуреник, туку корисник на семејна пензија од сопругот со што не биле исполнети условите за остварување на ова право за Душан. Душан бил прогласен за работно неспособен во 2010 година, додека неговиот татко починал во 2002 година. Доколку бил прогласен за инвалид во рок од една година после смртта на таткото кој беше носител на осигурувањето, согласно законот на Душан ќе му следуваше семејна пензија. Роднините на Душан и ова решение го обжалија пред Управниот суд каде се чека нивната одлука.