Во име на повеќе од 2570 слепи и слабовидни лица во државата, Националниот сојуз на слепи по повод Меѓународниот ден на слепите – 15 Октомври потсетува на важноста за независно движење на лицата со оштетен вид и на потребата од зголемување на свеста за болестите и состојбите на очите.
– Денес ги потсетуваме носителите на политиките дека е најзначајно лицата со оштетен вид да патуваат независно и самостојно. Потсетуваме за важноста од звучни семафори, тактилни патеки, но и пристапни и безбедни тротоари за сите пешаци, наведува Сојузот кој годинава одбележува 75 години постоење.
Сојузот посочува и на дополнителните проблеми за оваа категорија граѓани предизвикани од пандемијата со КОВИД-19 која, како што наведува, „остави многу значајни нееднаквости во општеството“.
– Со оглед на новата ситуација која ни ја наметна светската пандемија, уште еднаш ги потсетуваме властите за важноста од инволвирање на лицата со оштетен вид при носење протоколи кои ги засегаат овие лица. Бидејќи сите треба да бидеме вклучени, никој не смее да биде оставен. Овој ден и оваа година е уште еден потсетник дека ние сме тука меѓу вас и дека ништо за нас – без нас, соопшти Националниот сојуз на слепи, порачувајќи достојно да се почитува Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост.