Денеска во Грција се отвораат сите продавници за малопродажба, освен трговските центри, матурантите се враќаат во училиште, а 70 отсто од државните службеници се враќаат на работа. Од денес во земјата почнува втората фаза од планот за олабавување на рестриктивните мерки.
Последниве 2 часа нема нови починати во пандемијата на коронавирусот, а во Грција се регистрирани само шест новозаболени, објави Екатимерини. Во Грција од почетокот на епидемијата заклучно со вчера регистрирани се вкупно 2.716 позитивни случаи на ковид-19, починаа 151 лице, а 30 лица се на вентилатори.
Властите рекоа дека денеска се отвораат околу 25 отсто од сите фирми што во средината на март беа принудени да затворат, а 155.000 луѓе треба повторно да почнат со работа.
Минатата недела и викендов сопствениците и вработените во продавниците се подготвуваа за денешниот нов почеток, под нови правила и прописи, по двомесечен прекин на работата. Дезинфекција на просторите, промена на излозите и адаптирање на околностите.
Заштитните маски пак, за вработените и потрошувачите не се задолжителни, туку постои силна препорака за нивно користење, а има посебни правила и ограничувања и во бројот на клиенти.
Минатиот понеделник почнаа со работа книжарниците, оптиките, продавниците за спортска опрема, фризерските салони, берберниците, центрите за техничка проверка на возила.
Трговските центри, рестораните и баровите и понатаму остануваат затворени.