За жал, антиваксерсрството не само во Македонија, туку и во светски рамки зема се поголем замав. Со Светската здравствена органзиација подготвуваме стратегија за вакцинација и се надевам во ноември или почеток на декември ќе ја промовираме и ќе кажеме законски што можеме да преземеме на овој план, рече Таравари.
Министерот за здравство Арбен Таравари денеска прими вакцина против сезонски грип. Во изјава за медиумите при посета на Институтот за јавно здравје Таравари рече дека превентивата е најдобар начин за заштита од сезонскиот грип особено за здравствените работници.
Досега, како што изјави, вакцинирани се околу 10.000 граѓани, а пријавени се околу 52.000 граѓани кои може да се вакцинираат во 36 пункта низ државата.
– Има посебна апликација vakcinacija.mk на која може да се пријават сите граѓани. Досега се пријавени 52.000 граѓани кои треба да примат вакцина низ 36 пункта во државата. Ја користам приликата да ги повикам сите граѓани особено оние кои се во ранливите категории да ја примат оваа вакција бидејќи со тоа се оневозможува да се појават компликации особено кај повозрасни луѓе кои имаат и други коморбидитети, рече Таравари.
Набавени се околу 70.000 вакцини за сезонски грип, а вакцинацијата е веќе почната. Во Институтот за јавно здравје може да се вакцинираат здравствените работници, а таму се формирани и мобилни тимпови кои од денес ќе одат по здравствените установи.
– Ова го правиме од три причини – да им олесниме на здравствените работници, да ја зголемиме бројката на вакцинирани и да бидеме поефикасни, да завршиме побрзо и ИЈЗ да продолжи со вакцинација и на останатите граѓани во ИЈЗ, изјави директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андонова.
Од Министерството за здравство најавуваат дека во ноември или декември ќе промовираат стратегија за вакцинација во која ќе бидат наведени и законските чекори што можат да ги преземат во однос на активаксерството.
– За жал, антиваксерсрството не само во Македонија, туку и во светски рамки зема се поголем замав. Со Светската здравствена органзиација подготвуваме стратегија за вакцинација и се надевам во ноември или почеток на декември ќе ја промовираме и ќе кажеме законски што можеме да преземеме на овој план, рече Таравари. (МИА)