– Родителите и учениците од основното општинско училиште „Илинден“ во Крива Паланка немаат потреба од загриженост, неточни се тврдењата дека има епидемија на жолтица, а надлежните служби ги превземаат сите неопходни мерки за хигиена и справување со тековните состојби, апелира директорката на ООУ „Илинден“, Марица Николовска, која се огласи во јавноста по дезинформациите што проструија на социјалните медиуми и направија паника меѓу населението.

Николовска нагласи дека родителите не смеат да ги спречуваат децата да одат на училиште, а место за паника не постои, бидејќи досега во Хигиено-епидемиолошката служба во Крива Паланка има регистрирани само два случаја на лица заболени од жолтица.

-Ги молиме родителите да не потпаѓаат под влијанија на лажни информации. Имајќи го предвид периодот на епидмии и појава на разни заразни заболувања, во училиштето ги имаме преземено сите неопходни мерки за одржување хигиена. Извршена е инспекциска санитарна контрола и постапуваме по нивните препораки: секојдневно се врши чистење на санитариите, во секој тоалет има течен сапун, хартија, на учениците им се укажува на често миење раце, ажурирани се процедури за заштита од заразни заболувања, се чисти со дезинфекциски средства. Денес ќе се изврши и целосна дезинфекција на училиштето, на сите простории, изјави Николовска.

Апелира родителите да ги пуштаат децата на редовна настава, а рече, за понеделник се закажани и родителски средби.

Од Подрачната единица на Центар за јавно здравје, Хигиено-епидемиолошка служба Крива Паланка потврдија дека има само два случаја на регистрирани и потврдени лица заболени од жолтица во Крива Паланка и еден во Ранковце.

-Три лабораториски случаи на Хепатитис А вироза се потврдени од Инфективната клиника во Скопје, и тоа кај еден наставник од ООУ „Илинден“ и  една ученичка на седум годишна возраст од истото училиште, како и уште кај една ученичка на 12-годишна возраст од ООУ „Х.Т.Карпош“ од Ранковце. Покрај трите лабораториски потврдени случаи, имаме добиено уште три пријави за Hepatitis virosa за кои очекуваме лабораториска потврда, меѓу кои двајца ученици, едниот на 13-годишна возраст од ООУ „Илинден“, а другиот на шестгодишна возраст од ООУ „Х.Т.Карпош“, Ранковце. Третиот непотврден случај е кај домакинка од село Станча,  Крива Паланка, изјави д-р Елена Крстевска-Ивановска од ПЕ на ХЕС, Крива Паланка.

Бидејки Hepatitis A e заразно заболување кое се пренесува по фекално-орален пат, со цел да се спречи понатамошното ширење на заразата дадени се соодветни предлог мерки: едукација на учениците за начинот на пренесување на заразното заболување и преземање на соодветни мерки за лична заштита,  одржување на личната хигиена, задолжително миење на рацете со проточна вода и сапун по напуштање на тоалетите и пред конзумирање на храна и пијалаци.

-Препорака е дадена и да се подигне хигиената на повисоко ниво во училиштето. Темелно чистење и дезинфицирање на тоалетите, како и на училишните простории и инвентарот во училниците. Задолжителна дезинфекција на кваките на училишните простории неколку пати на ден и домашна изолација на заболените. Нашата служба денеска ќе изврши и вонредна дезинфекција во училиштата од старана на ХЕС –  службата, додаде Крстевска-Ивановска.