„Кохлеарно срце„ е Здружение на родители на деца и младинци со тешко оштетување на слухот и корисници на кохлеарни импланти. Нивна основна цел е да се обезбеди поквалитетен живот на сите лица со оштетен слух, што би значело помош и заштита на правата на лицата, пред се децата и младинците со оштетен слух, нивна едукација и развој, образовна и пред се општествена инклузија и сето тоа со една крајна цел максимална реализација на нивниот потенцијал.

Во пресрет на 3-ти Декември, меѓународен ден на лицата со попреченост, здружението се обраќа до широката јавност, заедно да направиме чекор напред во рушење на стереотипите за оштетениот слух како попреченост.

Претседателката Сања Јовиќ Ѓеорѓиевски упати повик дека е крајно време да се стави крај на дискриминацијата во однос на слушните помагала и нивните корисници.„Време е да се прифати дека и глувите лица се дел од нашето општество, и дека слухот е сетило, исто како и видот. Околу нас има многу луѓе кои носат очила од потреба, но има и многу такви кои ги носат и како моден додаток и дел од стајлингот. Слушните апарати треба да ги третираме еднакво како очилата, особено кохлеарниот имплант кој е иновативно решение и за најтешка глувост, и ние се залагаме тоа да биде мост меѓу глувите и слушачите. Да не дозволиме поради суровоста и потсмевот кон лицата со оштетен слух да им се одземе правото на добра музика, шумот на водата, песната на птицата.

Упатуваме апел, да не се затвора тој мост и ние како здружение ќе се залагаме за да се подигне свесноста за потребата од носење на слушни помагала и во краен случај потребата од кохлеарен имплант, се залагаме за општество без дискриминација, со еднакви права и можности и инклузија во секој сегмент: ран детски развој, образование и работа„, изјави претседателката на здружението, и продолжи:

„Најавуваме наредна активност : по 5-ти јубилеен пат подготвуваме Пред-Новогодишна прослава за децата корисници на кохлеарни импланти, која ќе ја одржиме на 23ти декември во просториите на културно едукативниот центар Лабораториум од 17 до 19 часот. За таа цел ги повикуваме сите добронамерници, општествено-одговорни компании и секој оној кој сака да израдува барем едно дете со оштетен слух, да се придружи во оваа донаторска акција и заедно да им обезбедиме на дечињата една незаборавна прослава.

Благодарност за ЛАБОРАТОРИУМ !

За нас многу важни се нашите пријатели од Лабораториум, кои ги отворија своите срца и своите простории, ни посветуваат многу време и внимание за да направиме една посебна, забавна Нова Година за нашите најмали и најмили. Чест е да се биде во тим со нив, – изјави претседателката на здружението Сања Јовиќ Ѓорѓиевски.

„За разлика од децата со оштетен вид, нашите деца со оштетен слух имаат големи потешкотии во комуникацијата без разлика дали имаат кохлеарен имплант, амплификатор или не носат помагало, комуникацијата се одвива преку знаковен јазик или кај дел од децата ауидитивно со потешкотии. Кохлеарниот имплант е технолошко достигнување за овие деца кое им овозможува да добијат слух, но овој звук кој го слушаат е механички и често на почетокот не разбирлив за нив, а рехабилитацијата и разбирање на говор е огромен предизвик и бара многу време и работа и потреба од гестовна и знаковна комуникација

Посебно би сакала да потенцирам дека со тоталната инклузија, сите овие деца влегоа во редовно образование кое нема капацитет да одговори на нивните потреби. (потребна е поголема свесност дека овие деца се високофункционални, потреба од голем број на надгледни средства преку кои овие деца го совладуваат материјалот и секако посебен акцент на образовните асистенти кои треба да имаат познавање од знаковниот јазик, како јазик на комуникација со глувата популација). Нашата цел е да и покажеме јавноста дека постојат и овие дечиња кои треба општеството да ги прифати. На нас е да им помогнеме да научиме да комуницираме со нив, за да се почуствуваат рамноправни со нас но и корисни. На крај на денот и целта на тоталната инклузија, но и на Конвенција за правата на детето на која Македонија е потписник, е секое дете да добие соодветен пристап според попреченоста за непречено образование и со завршувањето на образовниот циклус да извадиме единка која ќе може самостојно да живее, работи, создава семејство и најважно од се да биде прифатена и разбрана од околината.

Како за крај сакам секој од Вас да се замисли како би му поминал само еден ден докулку не изговори ниту еден збор? Дали и како би пробале да се разберете во продавница, кафуле или во училиште без слух и говор? Еве ве предизвикувам да пробате и барем на еден ден да се ставите во нивните чевли да видите низ што поминуваат„ заврши Ирена Лозановска Панчевска, родител на дете со кохлеарен имплант.