Здружението на приватни аптеки денеска соопшти дека е против одлуката на Министерството за здравство да ја проширува мрежата на аптеки доколку нема потреба од аптека на одредена територија на државата, потенцирајќи дека тоа не е во согласност со постоечките законски регулативи, Законот за здравствена заштита т.е. Уредбата за мрежата на здравствени установи, што е составен дел од овој Закон.
Од Здружението прашуваат дали тоа треба да значи дека се отвора мрежата на здравствени установи, дека Уредбата за мрежа на здравствени установи е укината или не се почитува и според кои показатели/испитувања Министерството за здравство дошло до заклучок дека е потребно проширување на мрежата на здравствени установи, со оглед на податоците од 2012 година, кога е констатирано дека има вишок на аптеки, а не недостиг.
Отворањето нови аптеки, посочуваат од Здружението, ќе придонесе за голема дефицитарност на, и така присутниот проблем со фармацевтскиот кадар, што го следи трендот на отселување. Според Здружението, да се отвора мрежата на аптеки без пред тоа да се подобрат критериумите за отворање на посовремени аптеки нема никаква смисла, бидејќи во државата има голем број аптеки.
-Се согласуваме со овој повик доколку важи само за оние општини, региони, рурални подрачја каде реално според критериумите и демографските стандарди од Уредбата за мрежата, има реално недостиг на аптеки или аптекарски станици, велат од Здружението на приватни аптеки.
Реакцијата на Здружението следи по завчерашниот повик на Министерството за здравство до сите заинтересирани здравствени работници и приватни здравствени установи за доставување писмо за интерес за вршење здравствена дејност во мрежата на здравствени установи во дејностa аптеки во примарна здравствена заштита или аптеки/аптекарски станици во населено место во рурална средина со најмногу 3.500 жители со постојано место на живеење на ниво на примарна здравствена заштита. /МИА