Во текот на вчерашниот ден локалните грчки медиуми пренесоа дека најмалку 40 деца и неколку возрасни се заразиле со коронавирусот во два летни кампови во северна Грција и на островот Крит. Станува збор за камповите во регионот Ханија и Халкидики. Според информациите по грчките медиуми вработените знаеле за заразите уште во понеделникот, но на почетокот го негирале нивното постоење.

Првото жариште е регистрирано во камп во регионот Ханија во западниот дел на Крит, каде биле заразени повеќе од 30 деца и одреден број вработени. Летниот камп ќе биде затворен до 15 јули и ќе се бара негативен брз тест од сите деца кога повторно ќе се отвори. Исто така нема да бидат дозволени посети.

Второто жариште е регистрирано во северна Грција, во регионот на Халкидики, каде се заразени 14 тинејџери. Децата на возраст меѓу 13 и 17 години родителите веднаш ги однеле од кампот. Официјални претставници на кампот изјавија дека испразниле шест единици во кои биле сместени заразените деца. Кампот, патем, е домаќин на стотици деца секоја сезона, претежно од Солун и Халкидики.