Речиси 36 милиони луѓе во европскиот регион, од почетокот на пандемијата со Ковид-19 можеби развиле долгорочни здравствени последици по инфекцијата со коронавирусот, велат податоците на европскиот огранок на Светската здравствена организација (СЗО).

– Во просек, тоа значи дека во последните три години приближно еден од триесет Европејци почувствувал или сè уште има такви последици, рече регионалниот директор на СЗО за Европа Ханс Клуге, на денешната конференција одржана во Копенхаген.

Тој посочи дека треба да се направи многу повеќе за подобро да се разбере таканаречениот „долг ковид“.

-„Долгиот ковид“ останува сложена здравствена состојба за која сè уште знаеме многу малку, рече Клуге, додавајќи дека без развој на сеопфатна дијагностика и форми на лекување, општеството никогаш нема вистински да закрепне од пандемијата.

СЗО во европскиот регион опфаќа вкупно 53 земји. Покрај членките на ЕУ, таа вклучува и земји источно од Европската унија, сè до Централна Азија. „Долг ковид“ е термин кој се користи за опишување на симптоми кои се развиваат и не попуштаат по акутната фаза на болеста (трае четири недели) или повторно се појавуваат по одредено време.