Никој не се пријавил на конкурс за акушерки кој го објавил Клиниката за гинекологија. Поради  ова, била преземана иницијатива со средното медицинско „Панче Караѓозов“ и со министерот за образование, од септември да се отвори уште една паралелка за акушерки, изјави денеска министерот за здравство, Фатмир Меџити, на денот на акушерките.

Дипломираната акушерка Тања Трајковска, потпретседателка на здружението на медицински сестри, техничари и акушерки, претседателка на одборот на акушерки во комората на здравствени работници со средно, вишо и високо образование и поранешен претседател на секцијата на акушерки, информираше дека во ГАК има 14 акушерки во родилната сала, распоредени во четири или пет смени. Годишно на клиниката има околу 3.500 до 3.800 раѓања.

– Ако Европа, меѓународната конфедерација, СЗО велат дека треба да има 117 до 120 раѓања годишно на акушерка, па ако направиме споредба, излегува дека недостигаат 10 до 12 акушерки во родилната сала кај нас. Или, треба да има една акушерка на еден родилен бокс. Ако во болницата има два, треба да има две акушерки во смена и плус предродилна сала. Или ако има пет, плус еден дополнителен, како што е кај нас, треба да има шест во смена и плус предродилна сала, соопшти таа.

Трајковска беше запрашана која е пораката што сакаат да ја упатат на овој ден.

– Не сакаме да бидеме погрешно сфатени дека имаме нешто против едукацијата на акушерки, да кажам, на средно ниво, со средно училиште. Сакаме да бидеме разбрани, дека едукацијата треба да биде соодветна. Треба да биде квалитетна. Треба да ги стекнат вештините што треба да ги има една акушерка на крајот од своето школување. Треба да ги поседуваат сите компетенции, за да можат да се справат со сите животозагрозувачки ситуации во родилната сала. Да одговараат за два живота во моментот и сами да ја носат одлуката во моментот, што треба да се направи и кога, во кој момент треба да се повика гинекологот, ако акушерката сама, не може да се справи со целата ситуација, одговори таа.

На ниво на цела држава, додаде, треба да постојат и советувалишта за трудници, бидејќи сега лекарите, како што нагласи, се преоптеретени.