Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче и покрај тоа што го чекаат низа недорешени работи во здравствениот систем во Македонија, иако сеуште се нема појавено да ја појасни ситуацијата со јавното приватно партнерство со клиниката Жан Митрев, што се случи со детскиот кардиохирург Владимир Чадиковски и зошто тој замина од целата оваа консталација, никој не одговара. Но, тоа не е проблем министерот да шета и да ги посетува болниците низ републиката, како тоа да е од суштинско значење и приоритет во моментот. Во текот на изминатиот ден Филипче ја посети Специјализираната болница за белодробни заболувања и ТБЦ-Лешок и оствари средба со директорот д-р Исмаил Ваити и вработените во оваа здравствена установа, каде се информираа за активностите кои се спроведени во изминатиот период со цел подобрување на здравствената заштита и услуга за сите граѓани.

Со одобрени средства на Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување купено е земјиштето под објектот на болницата. На овој начин не само што е зголемена дворната површина, туку во завршна фаза е реализацијата на проектот за санирање на свлечиштето и изградба на пешачка патека околу болницата. Ова беше нужна измена за подобри услови за пациентите и здравствениот персонал. За првпат пациентите имаат можност за рехабилитација во дворот на болницата со долга патека поставена на повеќе нивоа по која може да одат на кратка прошетка, на чист воздух и да се одморат на изградените и уредени одморалишта. Извршено е и пошумување со над 1000 зимзелени дрва, обезбедени со сопствени средства и со донација, а извршено е и реновирање со нова фасада.

Во изминатиот период, завршено е инсталирањето на сопствен агрегат за струја, што е од огромно значење за установата. Преку донација, болницата се стекна и со колектор за прочистување на отпадна вода, што ќе биде сместен во дел од новопроширениот болнички двор.

Реализиран е проектот изградба на лифт, со кој е решен проблемот за транспорт на пациенти, а проширен е и паркинг просторот пред болницата со што е овозможена полесна пристапност на пациентите. Преку донација, болницата се стекна и со нов спирометар.

Додека болниците со нивните менаџерски тимови се грижат за објектите кои ги раководат, министерот за секој успех на раководните тимови е во посета на болниците и го презентира тоа што некој друг го сработил, со цел да се покаже дека и тоа е дел од неговата работа, а при тоа занемарувајќи ги есенцијално битните прашања и основните елементарни работи кои треба како министер да ги заврши. Само се слушаат ветувања, пациентите чекаат, НО ништо не се случува.