Луѓето со ментално нарушено здравје секојдневно се соочуваат со цела серија проблеми, најпрво стигмата и предрасудите, избегнување од луѓето, лош однос кон нив, честопати не можат да добијат соодветна терапија со медикаменти затоа што не се на позитивна листа, а и речиси сите се невработени.
Ова денеска го изјави Димитар Илчов, претставник на Здружението за ментално здравје Асоцијација Мисла на одбележувањето на Светскиот ден на ментално здравје, 10 октомври.
Светската здравствена организација, информира Илчов, сега има кампања за превенција и за подигнување на јавната свест за проблемот со самоубиствата и на нашите летоци ги имаме нивните пораки. Основната порака, како што нагласи тој, е да се одвојат 40 секунди да се размисли за проблемот со самоубиства затоа што на секои 40 секунди некое лице во светот се убива.
– Во образованието, со исклучок на стручното образование, односно високото образование по медицина и психологија, воопшто не се обрнува внимание, многу луѓе се или неинформирани или погрешно информирани. Мислат дека луѓето со нарушено ментално здравје се убијци, опасни по околината или лоши луѓе што воопшто не е случај. Во моментов кај нас постои Закон за ментално здравје и Национална стратегија за унапредување на менталното здравје, но тие не се спроведуваат како што треба и не се комплетни. Законот се однесува исклучиво на пациентите кои се лекуваат во болниците, а не ја опфаќа пошироката проблематика на превенција, рехабилитација, на интеграција во општеството, на поддршка на семејствата од разни институции, истакна Илчов.
Властите и Министерството за здравство, вели тој, можат да обрнат повеќе внимание пред се на информирање на јавноста, на обезбедување соодветна психотерапија и терапија со медикаменти, додавајќи дека и Министерството за труд и социјална политика би можело да обезбеди дополнителни мерки и програми за вработување на овие лица.
Илчов апелира до институциите и до властите на овие лица да им се обезбедат дополнителни јавни услуги и еднакви можности како и на останатите граѓани.
Самоубиството, како што посочи Ѓорѓи Калпак, специјализант по психијатрија втора година на Клиниката за психијатрија, е водечка причина за смрт во глобални рамки, а и во земјава е навистина загрижувачки фактор, додавајќи дека е превалентен во групи од 15 до 29 години, а старосната група над 65 години носи голем ризик за посегање кон самиот живот.
– Разговараме на сите наши семинари, конгреси како да се покрене свеста, Клиниката за психијатрија со Министерството за здравство работи на Национална стратегија која покренува различни телефонски броеви каде може да се побара помош или групи за разговор, термини за разговор кои ги имаме на Клиниката, кабинети кои специфично служат за тие цели, вели Калпак.
Според него, изолацијата, контактот со другите луѓе кој се повеќе се намалува, мобилните телефони, социјалните мрежи, брзиот стил на живот придонесуваат кон оваа појава.
– На некој начин зголемување на комуникацијата и барање соодветна стимулација од социјалната средина, како и барање помош кога навистина треба и пристап е дефинитивно клучно во подобрување на состојбата во државава, додаде Калпак.