-Од рак на дебело црево може да заболи речиси секој, но најчесто се јавува кај луѓе на возраст помеѓу 50 и 74 години, од двата пола.-

Според Центарот за контрола и превенција на болести во САД, следниве 6 симптоми можеби укажуваат на рак на дебелото црево, па најдобро е да не ги игнорирате.

1. Анемија (недостаток на железо)

Кога туморите во дебелото црево ќе почнат да крвават, настанува намалување на нивото на железо во организмот. Луѓето често не можат да ја забележат оваа загуба, но обичниот лабораториски тест може да ви помогне да дознаете дали имате анемија и дали имате доволно здрави црвени крвни клетки.

2. Болки во стомакот

Малигните клетки можат да предизвикаат повреди на ткивото, со тоа предизвикувајќи и грчеви или болка. Пациентите со рак на дебелото црево, многу често подоцна се присетуваат дека некое време ја игнорирале неудобноста во пределот на стомакот. Болката може да биде остра или тапа.

3. Тенка столица

Многу е честа и промената на изгледот на столицата кај пациентите со рак на дебелото црево. Доколку столицата е многу потенка од вообичаено, тоа може да биде знак за малигно заболување на дебелото црево. Можно е да се појават и други проблеми поврзани со празнењето на цревата.

4. Нагон за празнење без резултат

Доколку чувствувате нагон за празнење, но кога ќе отидете во тоалет не се случува ништо, можно е да постои тумор во ректумот.

5. Ненадејно слабеење

Воглавно, слабеењето без диета или голем стрес секогаш е причина да го посетите лекарот. Иако можеби јадете како и вообичаено, некои болести можат значително да го променат начинот на којшто телото ја користи храната. Кога станува збор за рак на дебелото црево, болеста често го спречува апсорбирањето на хранливите материи, што резултира со слабеење.

6. Крвавење

Еден од најочигледните знаци дека нешто не е во ред со цревата е ректалното крвавење. Доколку забележите крв на тоалетната хартија, во тоалетната школка или столицата, би требало да го известите вашиот лекар. Крвавењето предизвикано од тумор во цревата е многу пообилно од крвавењето од хемороиди.

Втор најчест малиген тумор според процент на зачестеност и смртност – е токму ракот на дебело црево. Секоја година од оваа болест заболуваат приближно 4 500 луѓе, а умираат повеќе од 3 000 луѓе.

Зошто се појавува рак на дебело црево?

Точниот причинител на ракот не е целосно јасен и прецизиран. Најчесто се јавува како последица од дејството на наследните фактори како и факторите од животната средина, начинот на исхрана и стилот на живеење.

Меѓу поистакнатите фактори се: исхраната богата со црвено месо и животински масти, пушењето, алкохолот, дебелината и слаба физичка активност.
Кој може да заболи од рак на дебело црево?

Од рак на дебело црево може да заболи речиси секој, но најчесто се јавува кај луѓе на возраст помеѓу 50 и 74 години, од двата пола.

Кои се симптомите на рак на дебело црево?

Болеста се развива долг период без видливи симптоми и тегоби. Кога првите знаци ќе се појават, болеста веќе е во напредна фаза.

Најчести симптоми на рак на дебело црево се:

-крвавење во столицата (некои го заменуваат со хемороиди)
-промени во празнењето на цревата (дијареа или опстипација)
-болки во стомакот (и овој симптом луѓето го превидуваат)
-анемија (општа слабост и намален имунитет)
-губиток на килажата (секое губење на тежината ако не е предизвикано од рестриктивна исхрана, треба да биде аларм дека во телото нешто се случува)

Што значи рано откривање на ракот на дебело црево?

Раното откривање (скрининг) на ракот на дебело црево подразбира тестирање на здрави лица, без присутни симптоми и знаци за болеста, со цел откривање на промените, најчесто полипи, кои предходат на ракот во рана фаза.

Полипите се бенигни израстоци во внатрешноста на цревата. Во некои полипи со тек на време можат да се случат малигни промени. Времето на преобразбата се мери во години.
Со благовремено откривање и отстранување на полипите пред во нив да настанат промените, се спречува настанокот на ракот.

Постојат неколку начини за скрининг.
Со тестирање на примерок од столицата може да се утврди присуство на крв која е невидлива со голо око, а која е често прв знак за постоење на полипи или рак во дебелото црево. Ова е најчесто користен метод.

Сите лица кои имаат од 50 до 74 години би требало да направат ваков тест за скриено крвавење во столицата.

Позитивниот тест уште не значи и постоење на рак. Лицата кај кои тестот се покажал позитивен, ги упатуваат на колоноскопија, за да се открие причината за крвавењето – бениген полип, малигна болест или некое друго заболување на дебелото црево.
Доколку тестот е негативен, повторното тестирање се повторува дури за две години.