Согласно активностите за реализација на проектот за изградба на детска градинка во населено место Миладиновци, во тек е постапка за избор на фирма – изведувач на градежните активности. По потпишувањето на договорот со избраната фирма ќе се почне со изградбата на објектот, што се планира да биде завршен во текот на наредната година.
Градинката што се гради во соработка со Министерството за труд и социјална политика ќе биде со капацитет за згрижување од 90 деца. Новиот објект ќе биде на површина од 520 метри квадратни и ќе располага со 4 занимални од кои една занимална за 15 деца на возраст од 9 до 24 месеци и три занимални со вкупен капацитет од 75 деца на возраст од 2 до 6 години.
Новата градинка ќе биде објект Подружница на Ј.О.У.Д.Г. „Гоце Делчев“ и ќе ги опфаќа дечињата од 6-те населени места во Општина Илинден (Миладиновци, Бујковци, Мршевци, Бучинци,Текија и Дељадровци) каде вкупно живеат приближно 4000 жители.
Градинката ќе биде лоцирана веднаш до Централното општинско основно училиште „Браќа Миладиновци“ и новоизградената амбуланта во населено место Миладиновци.
Со изградбата на овој објект ќе се отворат нови капацитети за згрижување на деца, ќе се намалат трошоците за транспорт на родителите од овие 6 населени места бидејќи сега своите деца ги носат во детската градинка „Гоце Делчев“ во н.м Марино која е одалечена повеќе од 10 километри. Ќе се заштедат средства и време и ќе се зголеми бројот на деца опфатени со воспитно згрижувачкиот процес.
Со згрижување на дечињата од 6-те населени места во новиот објект во н.м. Миладиновци, ќе се ослободи простор во веќе посточката детска градина „Гоце Делчев“ во н.м. Марино, кој ќе биде искористен за згрижување на деца од најмалата возраст (од 9 до 24 месеци) и воведување на јасли во оваа градинка која во моментов згрижува само дечиња од 2 до 6 години.